Младинскиот културен центар и Град Скопје распишаа повик за учество на уметници што ќе бидат дел од манифестацијата „Бела ноќ“, која ќе се одржи на 4 октомври 2014.
Може да учествуваат автори од визуелни уметности (ликовна уметност, фотографија, инсталација, видеоарт, стрип, кибернетичка уметност), применети уметности (архитектура, визуелен/индустриски/веб-дизајн, мода, дигитални креации), музика, филм и јавна уметност и урбани точки.
„Селекцијата на уметниците ќе биде направена од страна на организаторите. Уметниците ќе бидат избрани според приложените дела. Квалитет, иновација и карактер во опсег на предложениот концепт се главните критериуми при селекцијата на уметниците и нивните дела. Притоа дозволени се сите уметнички форми и медиуми реализирани со кои било инструменти или техники“, соопшти Младинскиот културен центар.
Уметниците треба да поднесат: биографија со лични податоци за уметникот или групата; фотографии, ДВД/ ЦД, скици и цртежи, промотивни материјали (доколку ги има): каталог, брошура, рецензии, осврти, пополнета и потпишана апликација, која може да се преземе од www.belanok.mk.
Апликациите заедно со дополнителните документи треба да бидат испратени најдоцна до 1 јули 2014 година, на адресите: Младински културен центар, со назнака: „За Бела ноќ 2014“, Кеј „Димитар Влахов“ 15. 1000 Скопје, или на електронската адреса contact@belanok.mk.