Изледот на велешките запуштени фабрики и нивната нефункционалност беше предизвик и инспирација за нашиот уметник Дарко Алексовски кој направи уметничко дело, насловено „Фабрики“ и кое го претстави на изложба во Марсеј. Тоа се 15 постери – боенки во голем формат во црно бела техника, кои изложени, обезбедуваат интеракција со публиката – таа е повикана да ги обои и да им даде нов изглед.
„ Мојата идеја беше да дадам метод преку кој публиката ќе може да понуди нешто ново, да даде една попозитивна слика на фабриките кои сега не работат, а кои во минатото го хранеле целиот град и обезбедувале живот за граѓаните – вели тој.
Делата на Алексовски ги објави виенскиот издавач Марк Пезингер, кој објавува уметнички книги, а три од постерите се дел од изложбата во Центарот за документација и современа уметност во Марсеј и ќе бидат поставени до четврти мај.
Во објаснувањето за „Фабрики“, Алексовски ја дава и генералната слика за својот град, Велес. Тој објаснува дека во втората половина на 20-тиот век, во градот функционирале повеќе големи фабрики од прехрамбената, градежната, текстилната, металуршката индустија, кои сè уште постојат, но по приватизацијата, голем дел од нив не работат, или работат со минимален број на работници и минимална продукција. Вели дека очекува публиката да реагира на постерите на кои со бројки се означени деловите кои треба да се обојат во различни бои, а со тоа и да создава нова, своја слика за овие неславни споменици.
„Постерите се мој мал придонес кон социјалната ситуација. Повторно замислени како празни листови хартија, спремни да бидат избоени и да бидат завршени како слики, може да се постигне инверзија на загубениот потенцијал на фабриките, како и на фактот дека нивната добра цел на која тие ѝслужеле, е историја“ вели Алексовски, посветувајќи ги своите дела од циклусот „Фабрики“ на своите родители.
Извор: Лице в лице