Интересот за користење на СМС услугата преку која родителите или старателите имаат можност еднаш неделно да добиваат известување за последните промени во образованието на нивните деца е зголемен за околу 50 отсто во изминатите четири месеци, од почетокот на активноста.
Министерот за образование и наука Спиро Ристовски денеска информираше дека во ноември, првично биле испратени 143.345 СМС пораки, а неделава 212.690 на исто толку оставени телефонски броеви. Во однос на јазикот, на кој се испратени пораките, 170.780 се на македонски, 40.324 на албански и 1.586 на турски јазик, пренесе МИА.
– Родителите и старателите го практикуваат овој начин на информирање за состојбите на нивните деца во училиште и повеќе не се чекаат само родителските средби. Според раководствата на училиштата, тие ги интензивираат посетите и средбите со класните раководители и другите наставници, односно при секоја поважна промена остваруваат непосреден контакт за да се информираат за се што ги интересира поврзано со нивните деца – ученици, рече Ристовски.
Од 1 ноември од кога стартуваше овој процес, Ристовски информира дека биле вршени редовни инспекциски надзори од просветниот инспекторат.
– Извршени се 422 инспекциски надзори во 282 основни и 140 средни училишта. Донесени се 21 решение за отстранување недостаток по кое се поставува во рок од осум дена. По сите е постапено од страна на наставниците и нема ниту еден поднесок до суд, истакна Ристовски.