Денот на пролетта во СУГС „Георги Димитров“ во Скопје се одбележа со поставување на Зелено еколошко знаме, што оваа еко-училиште го добива по вторпат, објави Нoва Македонија.
Училиштето организираше повеќе еколошки активности како: собирање стара хартија, изложба на ликовни творби на тема екологија, како и на дела направени од рециклирачки материјали. Се одржаа и едукативни работилници и разни презентации, а беа засадени и цветни садници за разубавување на училишниот двор.
„Зелено знаме“ им се доделува на основни и средни училишта кои успешно ја интегрирале еколошката едукација во својата школска програма.
Со сите овие реализирани активности СУГС„Георги Димитров“ е пример за високо развиена свесност од областа на екологијата, бидејќи во оваа образовна установа, освен едукацијата се реализираат многу проекти кои заедно ги иницираат и спроведуваат тимот од наставници и ученици и членовите на еко-одборот, пишува весникот.
Програмата „Интеграција на еколошката едукација во македонскиот образовен систем“ ја спроведува Министерството за образование и наука, во соработка со Швајцарската агенција за развој и здружението за едукација, консалтинг и комуникација ОХО, со цел да се издигне свеста за заштита на животната средина кај младите.
Извор: Нова Македонија