Претставник на Македонија имаше свое обраќање во седиштето на Обединетите нации во Њујорк по повод Светскиот ден на лицата со Даунов Синдром – пристап до здравствени услуги и информации за сексуално и репродуктивно здравје, соопштија од Македонската асоцијација за Даунов синдром.
Светскиот ден на лицата со Даунов синдром се одбележува секоја година на 21-ви Март – симболично одбран датум поради трите копии на 21-от хромозом (трисомија 21) што се присутни во клетките на лицата со оваа состојба.
Темата годинава беше „Здравје и добросостојба – пристап и еднаквост за сите“ а конференцијата има за цел да помогне во остварување на правата на лицата Даунов синдром и други типови попреченост да уживаат највисоки здравствени стандарди без дискриминација, како што е пропишано со Член 25 од Конвенцијата за права на лица со попреченост (која Р.Македонија ја ратификуваше во декември 2011).
– Росица Колева, активистка на Трисомија 21 – Скопје, чиј предлог-говор беше избран од Down Syndrome International – главниот организатор на конференцијата ја претстави Македонија пред очите на целиот свет. Таа како сестра на младо момче со Даунов синдром, но и како професионалцец (логопед/дефектолог) ја раскажа својата приказна пред меѓународната заедница.
– Росица беше нашиот гласноговорник за проблемите со кои се соочуваат лицата со Даунов синдром од аспект на здравствената заштита. За своите искуства и сознанија имаше можност да зборува во друштво на еминентни експерти, претставници на глобални организаии и лица со Даунов синдром кои сами се борат за своите права (self-advocates). Со ваквите и слични активности се надеваме дека прецепцијата за лицата со Даунов синдром ќе се промени и дека навистина ќе почнат да се преземаат порадикални мерки за унапредување на благосостојбата и квалитетот на живот на овие луѓе, се вели во соопштението.