Во канцеларијата на Народниот правобранител од утре граѓаните ќе можат да пријават каква било повреда на избирачкото право на бесплатна телефонска линија. Граѓаните можат да ги пријават неправилностите во изборниот период и на денот на гласањето на бројот 0800 54321.
Од кабинетот на Народниот правобранител соопштуваат дека телефонската линија ќе функционира секој работен ден од 8 до 16 часот и дека по пријавите на граѓаните ќе се постапува веднаш, по примениот повик, или снимената порака.
– Народниот правобранител, правата на граѓаните ќе ги штити со преземање итни мерки за ефективно постапување од страна на надлежните органи во изборниот процес и другите институции кои се должни да им обезбедат заштита на нивните загарантирани права, се вели во денешното соопштение од Народниот правобранител.
Оттаму потсетуваат дека избирачкото право е уставно загарантирано како еднакво, општо и непосредно и се остварува на слободни избори со тајно гласање и оти никој не смее да биде повикан на одговорност заради остварување на ова право.
Повредата на слободата на определувањето на избирачите, како и други повреди на избирачкото право се казниви дела.