Најавтентичниот македонски музички производ со ултра модерен израз „Беј д Фиш“ на 12 април, со почеток во 22 часот, со последен концерт ќе ја заврши својата 12 годишна кариера.
Како што се наведува во поканата за концертот на Фејсбук, сите присутни ќе имаат можност за последен пат да уживаат во изведбата на еден од највлијателните бендови на македонската музичка сценa, бенд кој зад себе има оставено пет студиски албуми и безброј извонредни настапи во републикава и регионот.
Причините кои стојат зад оваа одлука на бендот, ќе бидат соопштени на самиот концерт како и низ најавените интервјуа кои ќе се појават во следниот период.
Уникатниот стил на „Беј д Фиш“ кој беше граден низ годините, изроди хит-теми како: „When he was young“, „French cheese“, „True story“, „Livin in a box“, „Ideal woman“, “Instant generation”.
Концертот ќе се одржи во Сити Хол Центар, а од бендот најавуваат, интимна и емотивна атмосфера пропратена од нивната единствена музичка фузија на акустични инструменти, електроника и модерни зачини од природен поп.
Почетокот на настанот е предвиден за 22 часот, со диџеј сет на Dj Lepi Xhoni (The John). Картите ќе бидат пуштени во претпродажба од 28ми Март по промотивна цена од 200МКД во Сити Хол Центар, Custom Pub, Љубов и Happy cafe.