Одлуката на турскиот премиер Реџеп Таип Ердоган да ги забрани Твитер и Јутјуб во земјата не престанува да го бранува светот. Наспроти теориите за причините за овој потег, меѓу кои особено актуелна е онаа според која Ердоган со ова се обидува да го сврти вниманието на јавноста од обвинувањата за корупција, се појавија и првите проценки за ефектите на забраната на турското стопанство и на турското општество во целина.
Според експертите, последиците може да бидат далекусежни: од намалувањето слободата на говорот, а со тоа и на кредибилитетот на Турција во надворешно-политичките односи, до пад на приходите од туризмот.
Речиси 80-милионската држава е редовна дестинација за инвестирање на компаниите од ИТ-секторот, кои по ова може да имаат резерва да вложат во земја која ги одбива основните технолошки придобивки. Турската економија почива на странски капитал, па земјата мора да остане отворена за инвеститорите од странство и во другите стопански гранки. Ваквите забрани, се пракса само во земји како Северна Кореја, Иран или Кина
„Забраната на социјалните мрежи е обесхрабрувачка за странските инвеститори, а таа може да поттикне и намалување на кредитниот рејтинг на Турција“, вели Уфук Шанли, уредник во економската редакција на весникот „Ватан“.
Забраната на Твитер и Јутјуб ја осудија сите поголеми турски асоцијации на бизнисмени и стопански комори. Здружението на хотелиери на Турција истакна дека технологијата е нераскинлив дел од туризмот и дека луѓето кои ги посетуваат турските градови очекуваат овие места да бидат „онлајн“.
„Жалиме што е забранет пристапот до еден од најважните социјални медиуми, Твитер. Нарушувањето на правото на луѓето на пристап до информации е една очајна ситуација. Додека земјите бараат начини поефикасно да ги искористат социјалните медиуми, оваа забрана негативно е влијае и врз граѓаните и врз туризмот. Се надевам дека забраната ќе биде повлечена што побрзо“, изјави Тимур Бајиндир, претседател на Здружението на хотелиери.
Според последните податоци Турција од туризмот инкасирала околу 32 милијарди долари во 2013, но оваа година може да се очекува приходите да бидат помали, поради рестриктивниот приод на властите кон социјалните мрежи.
„Кога гледате од страна, една земја во која се случуваат вакви антидемократски чинови не е атрактивно место за туристите. Тие не сакаат да посетат ваква земја“, вели Али Кизилдаг од Асоцијацијата на хотелски менаџери.