Над 70 изведби ќе опфати 37. фестивал „Денови на македонската музика“, кој ќе се одржува од 3-ти до 14 април во организација на Сојузот на композиторите на Македонија (СОКОМ).
Фестивалската програма денеска на прес-конференција ја презентираа членовите на Уметничкиот совет Сони Петровски, Дарија Андовска и Јана Андреевска. На 3 април ДММ ќе бидат свечено отворени во Македонската опера и балет со „Concertissimo“ на Македонската филхармонија под водство на диригентот од Швајцарија Томас Херцог. На програмата се четири концертни дела за пијано и оркестар во изведба на македонски пијанисти од неколку генерации.
Во наредните денови ќе настапат Ансамблот за современа музика на Државната филхармонија Свердловск, Русија (4 април), Ансамблот на перкусии од Фрајбург, Германија (7 април), концертот на студентите од Факултетот за музичка уметност (9 април), Концерт „Made in Macedonia“ (11 април), Вокален концерт „Cantatissimo“ (12 април), Концертот „Млади композитори“ (13 април) и Концерт на Дувачкиот оркестар на АРМ, со кој на 14 април ќе завршат 37-мите ДММ:
Во рамки на Деновите на македонската музика, првпат оваа година ќе се одржува и првиот Фестивал на медиумски уметности „Звучна имерзија“, со програма конципирана од проф. Роберт Саздов.
Ќе бидат презентирани електронски и електронско-акустични дела од домашни и странски композитори. – Авторите се од Австралија, Англија, САД, Аргентина, Канада, Чиле, Холандија, Србија и Македонија. Ќе бидат изведени делата на композитори победници на меѓународни натпревари на овој музички правец, рече Саздов на прес-конференцијата, пренесе МИА.
Фестивалот „Звучна имерзија“ ќе биде отворен на 4 април во Музејот на македонската борба, со изведба на делото „Елеорп ’76“ од Драгослав Ортаков, кое се смета за прва електронска композиција во Македонија. Овој фестивал ќе трае и во наредните два дена (5-ти и 6 април), а на програмата е и премиерата „Macedonian AirDrumming“.
Деновите на македонската музика ќе бидат затворени на 14 април во Македонската опера и балет, кога ќе бидат доделени и наградите на СОКОМ за 2013 година.
Наградата „Трајко Прокопиев“ за животно дело му се доделува на музикологот и композитор д-р Јане Коџабашија, наградата „Панче Пешев“ за најдобро премиерно изведено дело ќе ја добие композиторот Љубомир Бранѓолица за балетот „Александар III Македонски“, кој беше премиерно изведен токму на ДММ, а наградата „Георги Божиков“ за најуспешна јавна изведба на дела од македонски композитори ќе има три добитници: диригентот Сашо Татарчевски (за континуирана изведба на дела од македонски композитори во 2013-та), Македонската опера и балет (за премиерата на балетот „Александар III Македонски“) и Камерниот ансамбл од Австрија „Ensemble Reconsil Vienna“ (за континуирана изведба на македонски композитори во 2013 година).
Покровители на фестивалот Денови на македонската музика се претседателот на Република Македонија Ѓорге Иванов и Министерството за култура.