Овој викенд нашата метропола на едно место ќе ги собере танц-асовите од светски калибар на првиот Скопје Салса Викенд. Три дена Скопје ќе игра vо ритамот на салса, зумба, аргентинско танго, афро румба, салса руеда, регетон и dancehall и за прв пат на нашите подиуми – бачатанго и кизомба.
Во центарот на настаните се Ведран Марчета и Лејна Кариќ-Лубарда,актуелни светски прваци во салса и вице-прваци во аргентинско танго. Освен нив, учесниците на Скопје Салса Викенд ќе можат да танцуваат со инструктори од Македонија, Србија и Босна и Херцеговина, повеќекратни прваци во латино и стандардни танци. Своите кореографии несебично ќе ги споделат Ведран и Лејна, Сара и Нермин Кочан, Катерина Стојковска, Аднан Имамовиќ – Адо, Аднан Капо, Сања Василјевиќ и регетон феноменот –Јанчулај.
Низата настани кои ги организира танцовиот клуб Dancers United MK ќе започнат во петок, 4 април со забава во центарот на Скопје (Penguin Club), ќе бидат одбележани со гала-вечер во клуб Хавана и свечено ќе се затворат во недела, во просториите на танцовиот клуб Dancers United MK.
Влезниците се во продажба во просториите на Dancers United MK. Скопје Салса Викенд е отворен за сите оние кои се вљубени во танцот, независно од степенот на негово познавање.