Веројатно многупати и во бројни контексти сте слушнале дека луѓето во Македонија “треба да се обединат“. Иронично, изгледа дека колку повеќе фразата се повторува, толку повеќе Македонците се делат по најразлични оски. Една од тие поделби која станува сè поочигледна е и онаа на млади и (версус) стари. И тука не го подразбирам оној природен јаз меѓу генерации, туку едно општествено наметнатно оддалечување, а веројатно и антагонизам.
Не би сакала да ги повторувам дневно-политичките пропагандни методи и предизборните калкулации. За нив доволно слушаме од поларизираните и необјективни медиуми. Сепак, тие се фактор со сериозни последици врз возрасната група – млади во Македонија – од чија перспектива и го пишувам овој текст. Да, веројатно претпоставувате, станува збор за бесплатниот автобуски превоз, “спа-третманите“ во бања, зимските екскурзии, наспрам руинираните студентски домови, укинувањето на студентските кредити, масовното иселување и бесперспективност…
Страст за живот како колатерална жртва
Би рекле, што има погрешно во државни бенефиции за одредена социјална група? Навистина нема, токму затоа и се наменети буџетските средства. Проблемот настанува кога поради тие придобивки страдаат останатите групи. А, најпроблематичен е мотивот за таквото фаворизирање и особено неговите импликации. Имено, не се потребни особени анализи и статистички увиди за да стане јасно дека единствената амортизација на невработеноста во Македонија, покрај преполната администрација, се токму пензионерите. Ова е држава во која не само младите, туку и повозрасните работоспособни луѓе живеат од пензиите на своите родители, затоа што за нив нема побарувачка на пазарот на трудот.
Владеачките елити се свесни за оваа состојба (а, како и не би биле кога тие се нејзини креатори?). Свесни се дека пензионерите се една од главните групи кои го одржуваат привидот на стабилност на “кулата од карти“ – македонската економија. Поради тоа се и фактор на стабилност и одлучување и на микро ниво, односно во сопствените семејствата. Сето ова пак ги прави “ВИП“ гласачи на кои е политички корисно да им се додворуваш. Но, по која цена?
Пензионери кои го менуваат светот, млади кои креваат раце
Неретко наутро, во паркчето пред мојата зграда, ги слушам пензионерите како со страст дискутираат и нудат решенија за локалните и светски политички и општествени случувања. Уште го менуваат светот. Симпатичен ми е тој жар, во контраст со збрчканите лица и подгрбавени тела. И тогаш се присеќавам на моите врсници кои скоро за сè во државата резигнирано констатираат дека е “за џабе“ и “ништо не може да се промени“. Мислам дека не е преувеличување да се каже дека ваквата состојба е неприродна. Поединци во својот физички и репродуктивен зенит, луѓе кои допрва треба да се изградат себе си и својот личен свет, да создадат пат за своите поколенија, да бидат водени од амбиција и желба за нешто ново и подобро…а, веќе кренале раце и битисуваат по инерција. Да, овде нештата се дефинитвно изместени, како последица на години и години неуспешни политики. Токму младите се оние кои ја плаќаат највисоката цена, а нивната мотивација и страст за живот се колатерланите жртви.
Очигледни се причините за ваквиот недостаток на надеж и демотивираност. Започнуваат во семејството каде децата гледаат родители кои уплашени за својата егзистенција се водат по мотото “ќути и трпи“. Продолжуваат во училишните клупи, каде професори растргнати помеѓу бројните реформи, бирократија и лично незадоволство немаат волја да го разбудат создавачкиот порив и идеализмот кај децата. А, по дипломирањето следи “последниот удар“ – се соочуваат со партократијата која насилно им порачува дека ниту квалитетот, ниту трудот не е важни, дека соништата се недостижни, а полтроннството, опортунизмот и медиокритетот се единствени вредности.
На младите ништо не останува
Оттаму е јасно зошто на пример со години секоја зима читаме новинарски статии за идните академски граѓани кои немаат греење и топла вода во студентските домови, и единствено нешто што го превземаат на темата се анонимните сведоштва за ужасните услови. Јасно е и зошто најголемата амбиција на просечниот македонски млад човек претставува бирократска работа во јавната администрација. Јасно е и зошто бројни млади се надеваат на некоја инстант среќа и спас во кладилници, или си го убиваат вишокот време и бараат бегство во кафеани, навивачки групи, итн… Останатите пак кои не сакаат да се помираат со состојбите, по секоја цена се обидуваат да побегнат државата. Не можам да обвинам никој од нив (поточно нас). Ние сме продукт на генерации и поважно политики кои во корен ги засекуваат сите убави никулци на младешкиот ентузијазам. Во Македонија се живее опачината на сентенцата: „На младите светот останува“. Затоа што овде сé помалку останува за младите. Да не речам ништо.
Општествената одговорност е и лична одговорност
Сепак, не сакам дефетизам, ниту игнорирање на личната одговорност во општествен контекст. Секако, младите не се виновни за условите кои ги “наследиле“. Но, се одговорни за условите што ги создаваат и оставаат на оние по нив. Одговорни се да се изборат за себе, за квалитетот на својот живот. А, за тоа не се неопходни “крвави револуции“. Доказ е и неодамнешната акција на студентите кои на суптилен и креативен начин не само што го свртеа вниманието на домашната и светска јавност за хорор-условите во студентските домови, туку и издејствуваа промена. Тоа и ми дава надеж. Во спротивно, со досегашната пасивност и игнорирање, стануваат соучесници и помагаат во репродуцирањето на деструктивните тенденции на политичките власти, на сопствена штета.
За крај, наместо некаков заклучок или “готово решение“ ќе завршам со еден цитат:
„Единственото нешто што е потребно за злото да триумфира е добрите луѓе да не преземаат ништо“.
Инес Ефремова