По промоцијата на албумот „Revelation“ и прославата по повод 7 години постоење на бендот која се одржа изминатиот викенд во Тетово, групата „Конкеринг Лајон“ (CONQUERING LION) во среда, 9. април ќе одржи настап во клубот „Блек Котон“ во Скопје. Почетокот на концертот е закажан во 22 часот.
Овој настап во Скопје е увертира за претстојната европска турнеја на „Конкеринг Лајон“ која ќе се случи од 17 април до 1 мај и во Словачка, Чешка, Полска, Германија, Холандија и Словенија. Концертот ќе вклучи делови од од целата дискографија на бендот, но со осврт на последниот албум “Revelation” кој се појави минатата година преку „Пасворд Продакшн“ и „Егзит Лејбл“.
Тетовскиот состав „Конкеринг Лајон“, од објавувањето на првиот албум „I” во 2009 па до сега, се наметна како еден од најперспективните бендови кај нас, кој остварува огромен раст во секој аспект од својот музички ангажман. Заедно со „Know Your Wisdom” од 2011 година и последниот „Revelation“ од 2013, кој беше најавен со синглот „Wicked Man“, бендот зад себе има три студиски остварувања.
Нивните концертни активности се веќе на завидно ниво со неколку европски турнеи зад себе, но и со настапи на значајните фестивали како „Спирит оф Бургас“, „Таксират“ и „ПИН конференција“ – Скопје, „Докуфест“ – Призрен, „НГОМ Фест“ – Призрен, „Тренчтаун“ – Суботица, „Аква Парк фестивалот“ – Пробиштип, како и реномираниот „ИНмјузик фестивал“ во Загреб каде што настапија покрај ѕвезди како „Арктик Манкис“, „Иги Анд Д Стуџис“, „Бејсмент Џекс“ и „Блок Парти“ меѓу останатите. Досега имаат настапувано со големи реге имиња како што се „Џентлмен“, Рас Закари, Доналд Минот, Хорнсмен Којоти и други. За овој бенд важи дека на секој настап умее да донесе добра енергија и ритам за вистинско концертно уживање.
Влезниците за концертот на „Конкеринг Лајон“ се во строго ограничен број и достапни во клубот „Блек Котон“ во Скопје со цена во претпродажба од 150 денари и 200 денари на денот на концертот.