Овогодинешното четврто издание на Филозофското филмско фестивалче ќе се одржи на 25-ти и 26-ти април во Амфитеатар 4 на Филозофскиот факултет во Скопје, соопштуваат од Филозофското друштво на Македонија.
Честа да го отвори Фестивалчето ја има Перица Јовчевски, демонстратор на Институтот за филозофија, со своето предавање на тема „Тарковски како повод: кон една херменевтика на огледувањето“. Во сабота, 26-ти април, следуваат две проекции со модерирана дискусија: првата ќе ги прикаже филозофските аспекти на делото на Михаел Ханеке преку излагањето на Мариглен Демири, а втората е резервирана за Линчовиот Lost Highway со проекција на истоимениот филм и излагање на Стефан Палитов по што ќе следи општа дискусија. Влезот на фестивалот е слободен.
Филозофското филмско фестивалче е еден необичен фестивал кој ја поврзува филозофијата со седмата уметност, обидувајќи се на непосреден начин да ја дофати филозофијата низ медиумот на филмот, но и да поттикне на филозофска мисла и акција кај љубителите на фил(м)ософијата во градот.
Филозофското филмско фестивалче своите скромни почетоци ги бележи во 2010 год. кога на инцијатива на неколку студенти од Институтот за филозофија секој четврток во просториите на Филозофскиот факултет во Скопје се проектираа делата на филмски валикани како Тарковски и Бергман, се обработуваа документарни филмови од областа на филозофијата, се организираше ноќ на кратки филмчиња, а се одржа и незаборавното предавање на професорот Стефан Сидовски на тема „Филозофија и филм“.
Оттогаш ФФФ од неформален студентски простор за креативна размена полека но сигурно прерасна во заеднички простор за сите љубители на филозофијата и филмот, проектирајќи филозофски релевантни филмови и поттикнувајќи дебата за темите кои тие ги отвараа.