Од вечерва од 20:00 часот слушателите на Радио МОФ ќе можат да ја проследат новата емисија наречена „Jас сум Цако“, чиј автор и водител е Александар Матовски – Цако.
Александар и е познат на македонската јавност откако стана прв студент со Даунов синдром во Македонија. Тој исто така издаде две книги со поезија и има кафеав појас во карате, со што овој млад човек секојдневно ги соборува сите бариери и стереотипи кои се појавуваат пред него.
Сега за прв пат во Македонија, лице со Даунов синдром ќе има своја авторска радио емисија, каде ќе се разговара за сите проблеми, предизвици и дилеми на младите лица со попреченост во земјата.
Цако најавува многу поезија, хумор, но и отворена дискусија за табуата, социјалниот живот, сексуалноста, образованието и се друго што ги засега овие млади луѓе.
Емисијата ќе се емитува еднаш месечно, секоја претпоследна среда во месецот и ќе може да ја слушнете на следниот линк.