Енергетската ефикасност и одржливиот развој се светски актуелни прашања за кои, секојдневно, се развиваат нови и иновативни решенија. Ова е темата на која од денеска до сабота ќе се дебатира на Втората студентска конференција „Енергетска ефикасност и одржлив развој“ што се одржува под покровителство на Факултетот за електротехника и информациски технологии (ФЕИТ), пренесе МИА.
Целта е, велат организаторите, на едно место да се обединат студентите, претставниците од академската средина и компаниите кои се занимаваат со енергетската ефикасност и одржливиот развој за да се овозможи научно-истражувачка работа.
– Преку конференцијата ќе се овозможи развој на научни вештини и компетенции за истражување на студентите, кои ќе придонесат за оформување поквалитетни академски кадри во областа на енергетска ефикасност и одржливиот развој, рече проф. д-р Миле Станковски, декан на ФЕИТ.
Според него, областите кои се обработуваат на конференцијата опфаќаат нови технолошки решенија за актуелните проблеми како глобалното затоплување, прекумерното загадување и недостатокот на ресурси.
– Преку оваа конференција сакаме да ги промовираме новите технологии и методи за енергетска ефикасност и одржлив развој преку активно вклучување на студентите од ФЕИТ и другите факултети во истражувањата и примената на обновливите извори на енергија, енергетски ефикасните уреди и материјали, како и нивна примена во градежништвото, архитектурата, земјоделството и други сектори кои се во функција на одржливиот развој, истакна проф. д-р Маргарита Гиновска од ФЕИТ.
Конференцијата е организирана со поддршка на МАКО СИГРЕ и Македонската секција на ИЕЕЕ. На неа со свои трудови и презентации учествуваат студенти, додипломци и постдипломци, претставници од академската средина, како и компании кои во текот на своето секојдневно работење имплементираат методи поврзани со енергетската ефикасност и одржливиот развој.