Македонија излегува на двојни избори, се гласа за вториот круг од петтите претседателски и на осмите парламентарни избори.
Новиот претседател ќе се бира меѓу Ѓорге Иванов, кандидат на ВМРО-ДПМНЕ и Стево Пендаровски, кандидат на СДСМ. Истовремено, на осмите парламентарни, односно трети по ред предвремени избори за 123 пратенички места во шест изборни единици во земјата и три во странство се тркаат 1.402 кандидати на 14 листи. Листите се поднесени од пет коалиции и уште девет политички партии.
За претседателските избори право на глас имаат 1.779.572 гласачи во земјава и 8.332 во странство, а за парламентарните можат да гласаат 1.780.128 гласачи, односно 27.828 македонски државјани од дијаспората. На избирачките места има два извода од избирачкиот список, еден за парламентарните, а вториот за претседателските избори. Гласањето денеска се одвива на вкупно 3.480 избирачки места во државата, додека дијаспората гласаше вчера на 34 избирачки места, во три изборни единици.
Гласачките места кои се отворени од седум часот, ќе бидат затворени во 19 часот. Гласачите се обележуваат со мастило на палецот од левата рака според упатството на Државната изборна комисија, додека при гласањето на првиот круг од претседателските избори на 13 април се обележуваше десниот палец.
Во канцеларијата на Народниот правобранител на денот на одржување на предвремените парламентарни и вториот круг од претседателските избори, од 7 до 19 часот функционира бесплатната телефонска линија 0800-54321, на која граѓаните ќе можат да пријават каква било повреда на избирачкото право. Како што соопшти народниот правобранител отворени се сите седум канцеларии, во Скопје, Битола, Кичево, Куманово, Струмица, Тетово и Штип за да се помогне во остварувањето и заштитата на избирачките права.
Хелсиншкиот комитет за човекови права на Република Македонија извести дека за време на гласањето е отворена нивната канцеларија во текот на целиот ден со цел да им овозможи на граѓаните да пријават повреда на избирачкото право. Од Комитетот ги охрабруваат сите граѓани кои сметаат дека нивното избирачко право е повредено да го пријават случајот во канцеларијата која се наоѓа на нова локација на ул.„Наум Наумовски Борче“ бр. 83. (мапа за новата локација има на нивната веб-страница). Случаите на повреда на избирачкото право можат да се пријават и преку отворената фиксна и мобилна телефонска линија: +389 (0)2 3119 073 и +389 (0)78 252 812 и со пријава преку е-пошта на helkom@mhc.org.mk која граѓаните можат да ја поднесат наведувајќи ги своите лични податоци или анонимно.
И организацијата Цивил упати апел за слободни избори како и повик до партиите и партиските активисти да се придржуваат кон изборниот молк и да не вршат агитација и притисоци врз гласачите. Тие потсетуваат дека гласањето е тајно и не постојат можности тоа да биде контролирано или надгледувано. За секоја нерегуларност, граѓаноте можат да го информираат Цивил по телефон, електронска пошта (monitor@civil.org.mk) или на веб страницата Слободни избори. На денот на гласањето, Цивил има отворен прес центар во ГЕМ клубот кој работи од 7 часот , па се до полноќ. За целата програма е овозможен видео пренос во живо.