По повод својот 23 роденден, вечерва во Младинскиот културен центар музичкото радио Канал 103 организира целовечерна дружба во чест на македонската независна музичка сцена.
Како што најавуваат од Радиото, настаните почнуваат во 18 часот, а во МКЦ ќе присуствуваат повеќе генерации „Стотројкаши“.
Предвиден е целовечерен македонски музички избор, маркет на независни издавачи, проекција на стотројкашки филмови, слајдшоу документ за скопската урбана култура и фри сешн на кој учество ќе земат 23 истакнати музичари од независната сцена.
„По долги 3 години, фриформ сешнот “Е’н, 2, три… 103!” кој за првпат се одржа на 20. роденден на радиото, се враќа на местото на настанот. 23 музичари за 23 години Стотројка. Дел од сешнот ќе бидат Тејка Васиљевиќ, Владимир Настевски, Марко Ковачевиќ, Мите Димовски, Деан Змејкоски, Сеад Хаџиќ, Филип Тасевски, Ивица Димитријевиќ, Горазд Чаповски, Синиша Евтимов, Соња Димитриоска, Драган Гиновски, Теодор Бошков, Саша Павловиќ, Александар Балдазарски и многу други,“, се наведува во поканата за настанот.
Филмската програма во Кино Фросина е следна:
19:00
Гето 103 (МРТВ / ФДУ, 1999), Режија: Јане Алтипармаков (времетраење: 11 мин)
19.15
Ако никој не свири (Стотројка, 2010), Режија: Ѓорѓи Јаневски (времетраење: 55 минути)
20:15
Од другата страна (Danse Macabre, 2012), Режија: Ивица Дукоски, Златко Гелески (времетраење: 1 минута)
20:20
103 – Љубовно Писмо До Алтернативната Култура (PMG Recordings, 2013), Режија: Синиша Евтимов (времетраење: 55 минути)