Од денеска почнува да се наплатува влезот во националниот парк „Пелистер“. Како што објави директорот на НП Пелистер, Пеце Цветановски ќе се наплаќа влезница со паркинг и ова се однесува само на оние кои користат автомобили, комбиња и автобуси.
Оттука 50 денари ќе плаќаат автомобилите и моторциклистите, 80 денари комбињата до 20 седишта и 150 денари автобусите.
Наплатата ќе ја врши веќе постоечкиот кадар на вработени, а парите ќе се користат за инфраструктура и подобрување на понудата на паркот, за хигиената во него и за еколошки потреби.
Цветановски додава дека останатите обврски за наплатата во иднина ќе се однесуваат за влез во паркот по лице и карта за кампирање кога ќе се створат услови за тоа и ќе треба да се отвори уште еден влез во паркот од страната на селото Маловишта, објави ТВ Тера. Наплата на месното население кое живее на територијата на паркот нема да има.
Како што беше објавено минатата година, влезници ќе се наплаќаат и во останатите два национални паркови во земјава, Маврово и Галичица. Иако од Галичица уште лани тврдеа дека се подготвени за спроведување на наплатата, „рампите“ за влез се уште не се спуштени. Наплатни пунктови притоа треба да се постават на влезовите во националниот парк кај Трпејца и Стење.
Во Маврово пак покрај за влез паркот ќе се наплатува и за посета на природните убавини, 60 денари за пештерата Шаркова дупка, 50 денари ќе Дуфскиот водопад, исто толку и влез во сафари паркот Бунец.
Одлуката за наплата на влез во националните паркови лани ја донесе Владата. Како што беше предвидено во неа, секој што ќе сака да се прошета во некој од трите национални паркови во земјава, ќе треба да плати 30 денари, или 10 денари помалку ако се работи за организирани групи поголеми од 15 лица. За влез на мотор или автомобил билетот чини 50 денари, за автобус пак 200 денари. Граѓаните пак кои сакаат да берат шумски плодови, треба да извадат дозвола, 500 денари годишно по собирач.