За сите оние на кои им здодеа вообичаеното цртање на хартија, новото пенкало на британската компанија Lix може да биде вистинско откритие. Ова 3Д принтер – пенкало овозможува да се црта низ воздухот користејќи растопена пластика, а единствената граница притоа останува човечката фантазија.
Иако ова не е прв ваков уред кој дозволува цртање во воздух, сепак лондонската компанија креираше направа која изгледа како обично пенкало во обид да се проближи до корисниците.
Уредот треба да се поврзе со лаптоп, по што создавањето уметнички дела може да почне. Сепак, посочуваат производителите, мора да се внимава на брзината на цртањето бидејќи на пластиката и треба малку време за да се олади.
Компанијата во моментов собира средства на Kickstarter, а цената на едно пенкало треба да изнесува околу 140 долари.