Македонските новинари годинава немаат причина за одбележување на 3 мај – Светскиот ден на Слободата на медиумите. Како што истакнаа од Самостојниот синдикат на новинарите и медиумските работници иако новинарите треба да работат работат без страв од одмазда, без закани и насилство, без корупција и уцени, во земјава се затвораат и медиуми и новинари, а казните за клевета и навреда се драконски.
„Извештаите на сите релевантни домашни и меѓународни организации што се занимаваат со овие прашања ја лоцираат Македонија на дното по почитувањето на овие права. Ваквата проценка може да значи само едно – Македонија е далеку од демократско општество“, рече Владо Апостолов член на ССНМ кој истакна дека Светскиот ден за слободата на медиумите е можност за новинарите да потсетат дека не постои слобода без слобода на медиуми, не постои демократија без судир на мислења, како и дека новинарството е една од најбитните професии во изградбата на демократските капацитети.
Од Македонскиот институт за Медиуми (МИМ) истакнаа дека рангирањето на медиумските слободи од светските организации, а каде земјава бележи загрижувачки пад, е објективен одраз за тоа што реално се случува на медиумската сфера. Како што истакна Билјана Петковска од МИМ, обидите за дискфалификација и игнорирање на овие оценки нема да придонесат кон подобрување на медиумските слободи. Македонските медиуми, смета таа, се под целосна контрола на политичките субјекти.
И од Здружението на новинари на Македонија сметаат дека новинарите во Македонија немаат причина за прославување.
„Иако македонскиот устав го гарантира правото на слободата на говорот и на информирањето,овие основни човекови права за жал се неостварливи. Водечките медиуми во Македонија се пристрасни и непрофесионални, кои место да ја информираат јавноста за состојбата во општеството, станаа пропагандно средство на владејачката структура“, се наведува во соопштението на ЗНМ.
Оттаму додаваат дека ваквата состојба е резултат на погрешните медиумски политики спроведени уште од осамостојувањето на земјата, кои ескалираа во последните години.
„Томислав Кежаровски е единствен новинар во Југоисточна Европа осуден со казна затвор за напишан текст, а Зоран Божиновски е единствен новинар во Европа обвинет за шпионажа. Носителите на високи јавни функции се уште ги користат тужбите за клевета и навреда да ги заплашуваат новинарите и да ги одвраќаат да истражувааат. Казната за неделникот Фокус од 6 илјади евра за наводна клевета на Директорот на Управата за безбедност и контраразознавање претставува еклатантен пример на неспроведување на праксата на Европскиот суд за човекови права во Стразбур“, посочуваат од ЗНМ и бараат идната Влада веднаш да пристапи и кон измени и дополнувања на медиумските закони за да се корегираат постоечките слабости во нив.