Во четврток (8 мај) во Младинскиот културен центар се организира „Фандрејзинг настан на АКСЦ“, на кој ќе се собираат донации за Автономниот културно-социјален центар да продолжи непречено да функционира.
Почетокот на настанот е закажан во 19 часот, а организаторите најавуваат музички свирки, поетски перформанс, изложба, филмска прокекција, памфлет со авторски дела и други активности кои ја отсликуваат работата на АКСЦ. Донациите од присутните се по слободна волја и нивна проценка.
„Зошто? – За да платиме кирија и сметки. Или…за Скопје да има слободна зона за изразување – малечок, скромен простор за независната уметност и активизам“, се наведува во поканата за настанот.
АКСЦ или Автономниот културно-социјален центар функционира по принцип на донации од поединци со цел да ја задржи автономијата и слободата на изразување. За да опстане овој простор и алтернативен модел на функционорање потребно е свест и солидарност од сите граѓани. Овој фандрејзинг настан во МКЦ ќе биде прилика да се дружиме додека си помагаме едни на други, посочуваат од АКСЦ и додаваат дека само солидарноста може да го спаси градот на солидарноста.