Словенечката премиерка Аленка Братушек денеска на Твитер и на Фејсбук објави дека поднесува оставка, откако ги загуби внатрепартиските избори за лидер на партијата Позитивна Словенија пред десет дена.
Во соопштението на Твитер, Братушек рече дека се надева на предвремени избори пред летото, пренесе МИА.
Левоцентристичката коалициска Влада на Братушек успеа да ја зачува земјата од меѓународна финансиска помош во декември, ставајќи околу 3,3 милијарди евра во банките зафатени од кризата.
Братушек би требало денеска на претседателот Борут Пахор и на претседателот на Парламентот Јанко Вебер, да им ја врачи својата оставка на функцијата.
По состанокот со коалициските партнери на Брдо кај Крањ во саботата, Братушек соопшти дека заеднички заклучок е дека најдобро за Словенија би било таа да поднесе оставка и што побрзо, уште пред летото, да се одржат предвремени избори.
Братушек истакна дека политичката ситуација не е причина „за паника“, бидејќи нејзината Влада ги стабилизирала јавните финансии, а и оценката на економските прогнози до крајот на годината е подобра од претходните.
Словенечката опозиција, меѓутоа, ја критикуваше одлуката на Братушек и смета дека оставка требала да поднесе веднаш откако ги загубила изборите во партијата.