Истражување: некои рапери имаат побогат речник од Шекспир

Вилијам Шекспир се смета за еден од најголемите писатели на англиски јазик. Но, истражувањето на американскиот научник Мет Дејниелс покажува дека некои од популарните хип хоп артисти можат да се носат со англискиот драматург и поет, барем кога се споредува бројот на користени зборови во нивните рими.

Кликнете на сликата за поголема верзија

На својата веб-страница Дејниелс укажува дека Шекспир користел 28.289 зборови во неговото творештво, што сугерира дека е „можно тој да знаел повеќе од 100.000 зборови и да го имал најголемиот речник од сите говорници на англискиот јазик во историјата“.

Во своето истражување, Дејниелс го бележел вокабуларот на некои од најпознатите рапери во изминатите 25 години. За да биде фер и кон постарите и кон новите артисти, тој ги користел само првите 35.000 зборови во творештвото на секој рапер. Од друга страна, Дејниелс ги искористил првите 5.000 зборови од седум дела на Шекспир, меѓу кои и „Хамлет“, „Ромео и Јулија“ и „Отело“. За споредба, во графиконот е ставен и романот „Моби Дик“, односно неговите први 35.000 зборови.

Резултатите се интересни и можеби изненадувачки:

– На прво место меѓу 85 артисти е непознатиот рапер од Њујорк Aesop Rock, чии рими содржат над 2.000 зборови повеќе од текстовите на Шекспир.

– Jay Z, Puff Daddy и Ludacris се на средина на листата, со фонд на зборови меѓу 4.300 и 5.000.

– Некои артисти, како The Notorious B.I.G, немале доволно материјал за да бидат вклучени во листата.

– Членовите на Wu-Tang Clan заземаат шест места на листата, а GZA е на второто место.

– На последното место е DMX, со само 3, 214 искористени зборови.

Податоците од истражувањето се прикажани во одлично изработен интерактивен графикон, кој можете да го погледнете овде.

 

Извор