На 12 мај (понеделник) точно на полноќ започнува онлајн натпреварот на младите рок и поп музичари од Македонија и Бугарија за избор на најдобра композиција.
Натпреварот се организира во рамки на проектот Rock’n Pop the Borders. Право на учество имаат сите млади бендови и соло изведувачи од Македонија и Бугарија на возраст од 13 – 25 години со регистрирање на www.rocknpoptheborders.com најдоцна до полноќ на 12 јуни.
Периодот на гласање за пријавените нумери ќе трае од 16 јуни до 16 јули. Најдобрите 10 песни, кои според публиката ќе влезат во потесен круг, ќе бидат изведени во живо на концерт во Дупница, Р.Бугарија на 9 август, каде што пак четири члена жири комисија од Македонија и Бугарија ќе ги избере најдобрите три песни кои ќе бидат наградени. По концертот во Дупница, Р.Бугарија, најдобрите 10 песни ќе бидат изведени во живо и на Rock’n Pop Awareness концерт во Куманово на почетокот на септември.
Rock’n Pop the Borders е заеднички проект на здруженијата „Регионален центар за одржлив развој“ Кратово и „Партнери – Дупница” од Дупница, Бугарија. Проектот финасиски е поддржан од Европската унија преку ИПА Програмата за прекугранична соработка помеѓу Бугарија и Република Македонија. Периодот на спроведување на проектот е од 19 декември 2013 до 18 декември 2014. Вкупниот буџет на проектот изнесува 82 119.49€.
Главна проектна цел на проектот е да се искористат досега неискористените културни ресурси од прекуграничниот регион преку заеднички развој и управување на одржлив формат за креативен прв настап, размена на идеи и натпревар помеѓу младите автори на рок и поп музика од прекуграничниот регион и програмските земји.