За два дена до Државниот испитен центар се пристигнати 744 приговори на прашањата за екстерното оценување, објави телевизија Телма.
Приговорите најмногу се однесуваат за нелогични прашања и за прашања со лош превод. Некои од прашањата се поставени вака:
-Кој од семејството ќе се погрижи за уредување на новата детска соба.
-Кое семејство има родители, баба, дедо и деца?
-Кога ќе пораснеш и ќе бидеш полнолетен и треба да гласаш, колку години треба да имаш?
Веројатно некои вакви прашања отвораат дилеми и за возрасните како да ги одговорат, а тешко е особено за деца од четврто одделение. Дали е најважно за Крушево што таму е роден Тоше Проески, па е запоставена Крушевската република, на пример? Бездруго, многубројните дилеми се причината што родителите ја преплавија интернет-страницата на Испитниот центар.
Учениците, во наша анкета, велат дека прашања има многу, дека дел од нив се тешки, а воедно, нема доволно време за подготовка бидејќи во тек се испрашувања и тестови.
Од МОФ велат дека дел од прашањата се неиздржани и нелогични и дека недостатоците во онос на минатата година не се доволно отклонети. Од Државниот испитен центар ветуваат дека забелешките ќе бидат разгледани. Погледнете го целиот прилог за нелогичностите во прашањата за екстерното оценување, на интернет сајтот на Телма.