Училиштата во земјите од поранешна Југославија, сто години по атентатот во Сараево, учат различна историја за причините за војната 1914-1918, како одраз на неодамнешните конфликти, пишува Балкан Инсајт.
„Тие луѓе биле терористи, Гаврило Принцип и останатите“, вели Салих Мехмедовиќ, стоејќи на Латинскиот мост (Латинска Ќуприја), во срцето на Сараево, на кое пред точно 100 години младиот босански Србин го убил надвојводата Франц Фердинанд од Австро-Унгарија, атентат со кој започна четиригодишен уништувачки конфликт.
Мехмедовиќ, по националност Бошњак, вели дека нема сомнение оти Србија е одговорна за убиството. „Тие го сториле она што го сториле, по наредба од Србија. Ние треба да ја обвинуваме Србија за војната“, смета тој.
И додека балканските држави се подготвуваат ова лето да ја одбележат годишнината од почетокот на Првата светска војна, секоја од нив, во образовната настава, има поинакво толкување за убиството кое било иницијална каписла за конфликтот.
Гаврило Принцип, во учебници по историја во земјите од поранешна Југославија, се опишува и како терорист и како бунтовник со причина. Перцепции што ги рефлектираат современите поделби во регион, кој сé уште се опоравува од убиствениот конфликт во 90-тите.
Додека беа дел од Југославија, децата учеа иста историја. Сега сите тие имаат свои верзии на вистината, обликувана од поновите војни, што ја пренесуваат на следните генерации.
„Тие имаа само еден дискурс за Првата светска војна, додека постоеше Југославија. Таа држава се распадна пред 23 години, а со неа и овој дискурс, бидејќи новите држави што произлегоа од поранешна Југославија, имаат различни перцепции за минатото“, објаснува Ненад Шебек, извршен директор на Центарот за демократија и помирување во Југоисточна Европа, кој ги анализирал учебниците во регионот.
„Сега минатото се прилагодува на дискурсот на владејачките елити во овие земји, потребен во овој момент“, вели Шебек.
Босанската настава, слика на етничката поделба
Во етнички поделената Босна и Херцеговина, не постои општ став ниту за Принцип, ниту за она што стои во заднината на Првата светска војна.
Децата, босански Срби, изучуваат поинаква историја од Бошњаците и босанските Хрвати. За Бошњаците и босанските Хрвати, Принцип бил политички атентатор, поддржан од Белград. За босанските Срби, убиството им послужило на Австро-Унгарија и на Германија, само како изговор да извршат воена агресија на Србија.
Овие поделби се рефлектираат и во паралелните комеморации планирани на претстојното одбележување на стогодишнината од почетокот на Првата светска војна, кои ќе се одржат во Босна и Херцеговина.
Во Сараево планирани се серија настани, вклучувајќи изложби, концерти и средби на младите активисти за мир, од целиот свет.
Босанските Срби, пак, планираат свои настани во Вишеград, град во источна БиХ, кои ќе ги води режисерот Емир Кустурица. Планирано е и откривање на споменик на Принцип, кој ќе биде поставен во Источно Сараево, Република Српска.
Во деловите во кои што живее претежно бошњачко население, како што е Сараево, регионот на Бихаќ, во северозападниот дел на земјата или во централната област Зеница-Добој, во учебниците се потенцира врската меѓу Принцип и Србија.
Во учебниците во Сараево се вели дека групата на Принцип, “Млада Босна“, била „поддржана од тајни организации од Србија“. Во Бихаќ, пак, во учебниците уште подиректно се потенцира дека учесниците во заговорот биле „поддржани од Србија“. Во Зеница, “Млада Босна“ е опишана како „терористичка организација“.
И во книгите по историја, што ги користат учениците, босански Хрвати, “Млада Босна“ се опишува како „терористички“ група.
Но, во ентитетот во кој доминира српското население, Република Српска, “Млада Босна“се опишува едноставно како „организација“, а во учебниците стои дека Австро-Унгарија „го искористила“ атентатот на Франц Фердинанд, „за да ја обвини Србија“ и да ѝ објави војна на оваа држава.
Очекувано, слично објаснување на конфликтот е содржано и во учебниците што се користат во Србија.
Жељко Вујадиновиќ, професор по историја од Бања Лука, Република Српска, вели дека она што го гледаме во Босна, „е префрлање на актуелната политичка во минатото“.
Така, сугестиите според кои “Млада Босна“ пред Првата светска војна била „исто што и денес Ал-Каида“, се резултат на конфликтот во 90-тите, тврди тој.
„Карактеризирањето на “Млада Босна“ и на Принцип како терористи е обид, вината за овој голем светски настан, да се префрли на „српската политика за територијално проширување, што е евидентно погрешно“, вели Вујадиновиќ.
Сараевскиот професор по историја, Зијад Шехиќ, се согласува дека менувањето на минатото, е последица на конфликтот во Босна и Херцеговина, 1992-1995.
По распадот на Југославија, Принцип многу почесто се опишува како српски националист, отколку како борец за југословенско единство, истакнува тој.
„Сега кога Југославија повеќе не постои, неговото делување се гледа ограничено и тој сега е српски херој“, вели Шехиќ.
Србија ги нагласува „воените злосторства“ на Австрија
Споменик на Гаврило Принцип ќе биде поставен и во српскиот главен град, Белград, каде што учениците учат дека тој бил борец за правда.
Србија, како дел од одбележувањето на стогодишнината од Првата светска војна, ќе излие сребрена монета со ликот на Принцип, а владата ќе организира неколку комеморативни изложби.
Српската православна црква, овој атентатор го прогласи за национален херој. „Гаврило Принцип ја бранел својата слобода и својот народ“, рече неодамна српскиот митрополит, Амфилохије.
Прочитајте го целото истражување на Балкан инсајт на следниот линк.