Во организација на Сојузот на клубовите на младите техничари и природници на Македонија, денеска во Пехчево ќе се одржи 51. Државен натпревар.
На натпреварот ќе учествуваат 312 ученици од основните училишта од Република Македонија кои освоиле први места на регионалните натпревари, пренесе МИА.
Учениците ќе се натпреваруваат во 23 дисциплини: агротехника, автоматика, астрономија, астронаутика, бродомоделарство, воздухопловно моделарство, градежништво и архитектура, екологија, електроника, конструкторство, метеорологија, кино и видео техника, компјутерска техника, применета биологија, применета географија, применета математика, применета физика, применета хемија, радио техника, ракетно моделарство, роботика, сообраќајно моделарство и фото техника.
Повеќе од сто ментори на учениците ќе бидат присутни на натпреварот, а оценувачките комисии се составени од наставници, универзитетски професори и соработници.
Добиените дипломи се вреднуваат за стипендии што ги доделува Министерството за образование и наука на Република Македонија.
– Републичкиот натпревар на млади техничари и природници, по 51 пат, на едно место ќе ги собере талентираните основци во природните и техничките науки. Тие ќе имаат можност да ги презентираат своите проекти на кои работеле заедно со нивните наставници во текот на оваа учебна година, но истовремено да стекнат и нови знаења од областите во кои што се натпреваруваат, вели Христина Спасевска претседател на Сојузот на здруженија за техничка култура на Македонија- Народна техника.
Целта на натпреварите е да го поттикнат иновативниот дух кај младите и уште од најрана возраст да ги развивијат нивните презентациски и натпреварувачки способности.
Натпреварите се поддржани од Министерството за образование и наука, локалната самоуправа на општина Пехчево и Електрани на Македонија.