[Колумна] И по една година не се знае целта на екстерното тестирање

Пред точно една година, се спроведе екстерното тестирање во Македонија. Ни тогаш, а ниту сега не сфативме една работа: од каде потребата за форсирање на (неуспешен) образовен процес? Дали Министерство за образование и наука вистински смета дека со поставувањето на ваков систем на тестирање ќе го подобри квалитетот на образованието? Доколку тоа е вистинската замисла, зошто целата оваа процедура изгледа форсирана и неприлагодена за сегашниот процес на образовниот систем?

Колумна

На страна од техничкиот процес, од Министерството за oбразование и наука се уште стојат нестабилно на одговорот – која е вистинската цел на екстерно тестирање. Тестирање професори, тестирање знаење, вадење реални оценки се само дел од предлозите коишто овој процес би требало да ги остварува. За да се постигне вистинско остварување и прифаќање на оваа реформа во образовниот процес, најпрвин треба да се постави начин на тестирање како кај екстерното тестирање. Во оваа колумна ќе ги образложам  главните прашања кои произлегуваат од променливата природа на екстерното тестирање.

Ниту еднаш во овие година дена, и поминати два циклуси на екстерно тестирање, а сега и трет,  МОН не излезе со детална анализа за тоа како поминаа претходните два циклуса на екстерно тестирање. Неизготвувањето детална анализа за екстерното отвора нови прашања за самиот процес. Неизготвувањето на деталната анализа за екстерното е голем пропуст на Министерството за образование и наука. Прво, бидејќи не ни кажува кои оценки точно се добиени за сите предмети, не ни дава каде е најголемата отстапка на оценување, не ни кажува дали на првиот циклус и на оној на полугодие има разлика во отстапката. Исто така не знаеме дали има отстапки во оценките меѓу стручните и гимназиските училишта, дали има отстапки според географски региони или етничка припадност. Оваа детална анализа требаше до сега да биде изготвена и треба да се изготви после овој циклус на екстерно тестирање. Без ваква детална анализа, Министерството за образование и наука секогаш ќе има „успешен“ процес на тестирање, ама само за нив, бидејки за нив успешниот, за учениците е неуспешен процес на екстерно тестирање.

Една од поглавните дилеми ми е зошто ако МОН првиот циклус на екстерно тестирање го прогласи како успешен, која е потребата од менување на системот на тестирање и новиот вид на прашања (ова само ни потврдува дека анализата и тоа како е потребна)? Дали со ова Министерството за образование и наука ни признава дека и не бил толку „успешен“ првиот циклус на тестирање. Исто така дали со менувањето на системот и со покажувањето на „успешноста“ на првиот циклус, ни кажува дека учениците од првиот циклус се оштетени и ги добија незаслужените оценки? Доколку имаше потреба од менување на начинот на полагање, тогаш зошто немаше и потреба за прогласување на пилот на првиот циклус полагање? МОФ работеше и се уште работи на ова прашање веќе година дена и секогаш стоеше на ставот дека прогласување за пилот ќе беше најбезбедната и најдобрата работа за да не биде никој оштетен, и со тоа да се добие еден поквалитетен начин на тестирање. Ќе се увидеа сите грешки и ќе можеше да се креира посебна методологија за креирање на прашањата, со кои ќе се подобреше квалитетот на образованието во Македонија.

Како второ, веќе на четвртиот ден од објавувањето на прашањата, до МОН имаше стигнато над илјада приговори. Ние не знаеме зошто се тие приговори, но претпоставуваме дека се работи за приговори кои се за технички грешки. Како и минатата година, така и оваа техничките грешки нема да бидат неизбежни. Од она што до сега го видовме од прашањата, несоодветниот превод, несоодветните прашања за конкретната година и двосмисленоста на прашањата, ни покажуваат дека техничките грешки не се поправени од првиот циклус. Само уште колку приговори ќе добие Министерството за образование и наука до крајот на екстерното тестирање оваа учебна година…Проблемот кај овие приговори е дали Министерството за образование и наука ќе има време да „изреагира“ на сите приговори и да ги реши, а со тоа и да го подобри екстерното тестирање од технички аспект. И најголемата иронија е тоа што министерот соопшти дека 50% од приговорите се за концептот, прашањата, грешките на екстерното тестирање, нема да се земат во предвид тие, бидејки со тоа немало да се смени ништо…

Трета работа и исто така многу важна во овој циклус е менувањето на прашањата, т.е. отворениот базен на прашања. Ваквиот тип на прашања не ја дава реалната слика на знањето на учениците во средните училишта и нема да ја даде реалната слика за добиените оценки, учениците ќе бидат оштетени, бидејќи намалувањето на оценката и пишувањето во свидетелство, може да им го намали просекот кој го имаат. А дополнително и отстапката на оценките ќе ги оштети и  професорите. Кога учениците низ целата учебна година учат и одговараат на тестирања со затворен тип на прашања, која е потребата за имплементирање на ваков тип на екстерно тестирање. Нормално е учениците да се преплашени и да се збунети пред и после овој тип на тестирање, бидејки не се запознаени со ваквиот тип. Добиените прашања без добиен одговор се меч со две острици во овој момент за учениците. Бидејќи и јас кога сум бил средношколец се знаеше дека за одредена тема се знае што е најглавно и што точно треба да се каже, ваквото тестирање му дава на ученикот тотално изменување на прашањето.

И како главен момент во оваа колумна се целите на екстерното тестирање. Дали оценувањето на професорите се уште ќе биде главната цел на екстерното тестирање? За ваков тип на тестирање, главна цел треба да биде подобрување на квалитетот на образование, а како една помала цел или дел кој ќе биде вклучен во главната цел да биде и оценувањето на професорите. Квалитетот на образованието е она што носи напредок, а не казнувањето на некој кој 9 месеци се труди да го објасни целиот материјал, кој на крај и не соодвестува со прашањата на екстерното тестирање.

И да сумирам на крајот на оваа колумна, се додека Министерството за образование и наука не одговори на прашањата:

-Креирање детална анализа?

-Зошто после два циклуса, се уште не се поправени техничките грешки?

-Која е потребата за менување на системот на екстерното тестирање и отворениот базен на прашања?

-Промена на главните цели?

Секогаш овој процес на тестирање ќе биде само еден неуспешен процес и нема да се подобри квалитетот на образованието, туку само ќе се влошува и ќе страдаат учениците а и професорите.

Антонио Даниловски