Во рамките на Наградата на Светскиот самит како глобална иницијатива за избор и промоција на најдобри е-содржини во светот се организира изборот на најдобрите мобилни апликации.
Сите што сакаат да учествуваат за Наградата на Светскиот самит за мобилни апликации, потребните информации за апликацијата и свој контакт може да достават до организацијата Метаморфозис (на адреса bardhyl@metamorphosis.org.mk).
Крајниот рок за пријавување е 01 јуни 2014 година. Проектите може да се поднесат во една од следниве категории: м-бизнис и трговија, м-влада и учество, м-учење и образование, м-забава и животен стил, м-туризам и култура, м-медиуми и вести, м-животна средина и здравство и м-инклузивност и оспособување.
Глобална мрежа од експерти ги номинира 8-те најдобри локални апликации на глобалниот натпревар, а пријавените мобилни апликации во периодот од август и септември ќе ги оценува меѓународно жири. Избраните 40 победници (по 5 во секоја категорија) ќе имаат можност за презентирање на своите проекти во рамките на Светскиот конгрес за Наградата на Светскиот самит за мобилни апликации кој ќе се одржи во Абу Даби од 1 до 3 февруари, 2015 година.
Наградата на Светскиот самит има цел да ги нагласи културната разновидност и идентитет, создавањето на различни информативни содржини како и дигитализацијата на образованието, научното и културното наследство. Оваа награда се доделува од 2003 година во неа активно се вклучени 168 земји, а нови партнери од целиот свет секогаш се добредојдени да и се придружат на оваа глобална иницијатива.