Градскиот парк во Скопје викендов ќе биде исполнет со бројни случувања. Во сабота се одржува „Фестивалот на цвеќето“, Кампањата за борба против ракот на дојката „Напред розово 2014“, како и манифестацијата насловена „Денови на вашето милениче“.
„Фестивалот на цвеќето“ ќе почнне во десет часот со цветно дефиле во кое ќе учествуваат 500 деца, а кое ќе тргне од плоштадот „Македонија“ и ќе се движи кон Градскиот парк.
Просторот наспроти „Паркот за миленици“ ќе биде поделен на три зони. Првата зона ќе биде зона за креативни работилници каде вработени во ЈП „Паркови и зеленило“ ќе пренесуваат искуства на сите заинтересирани, а особено на најмладите, како правилно да се садат и негуваат цвеќињата, како и да направат цветен аранжман. Студенти од Технолошко-металуршкиот факултет, пак, ќе подготвуваат креации инспирирани од цвеќе.
Во втората зона – зона за промоција, познати цвеќари и фирми за хортикултурно и пејсажно уредување ќе изведуваат мини градини заедно со стручни лица од ЈП „Паркови и зеленило“, Шумарскиот факултет, но и СУГС „Ѓорѓи Димитров“. Во овој дел граѓаните ќе можат и да купат цвеќе по намалени цени.
Во третата зона – зона за забава и еко-пикник, граѓаните ќе имаат можност да погледнат цветни перформанси, да вежбаат јога, аеробик и зумба на отворено и да слушаат музика.
Факултетот за ветеринарна медицина пак во „Паркот за миленици“ ќе биде организатор на манифестацијата „Денови на вашето милениче“,која се одржува по втор пат. Целта на ова случување е да се промовира грижлив и одговорен однос кон домашните миленици.
По шести пат на Школка ќе се организира и кампањата за борба против ракот на дојката „Напред розово 2014 – чекори против ракот на дојка“ со цел подигнување на свеста кај населението за ракот на дојката.
Во недела пак на Школка е најавен четиричасовен настан со говорници и диџеи „Заедно против хомофобијата и трансфобијата!“.