Wikileaks најави „големи откритија“ во следните 72 часа

„Ќе го откриеме името на земјата чие население масовно се снима, во следните 72 часа“, објави на Твитер групата Wikileaks, во уште еден потег насочен кон разоткривањето на методите и обемот на масовно прислушување што го спроведува американската Агенција за национална безбедност (NSA) низ целиот свет.

NSA може „да собере и да ја складира содржината на буквално секој разговор “ на Бахамите, како и во уште една, неименувана земја, соопшти публикацијата The Intercept, повикувајќи се на дел од документите кои ги разоткри Edward Snowden. Уредникот на новиот медиум, Glenn Greenwald, кој пишуваше за откритијата на Сноуден во времето кога работеше за The Guardian, изјави дека не го откриле името на втората земја во која населението масовно се прислушува, затоа што бил убеден дека тоа може да доведе до „смртни случаи“.

По жестоката дискусија на Твитер, во која се вклучија Greenwald, главинот уредник на The Intercept, John Cook и новинарот Jacob Applebaum, Wikileaks најави по три дена (на 22 мај) ќе го открие името на земјата.

Според процедурите и технологиите детално објаснети во The Intercept и поткрепени со официјални, тајни документи на NSA, агенцијата има воспоставено специјални системи во неколку земји, со кои може да се прислушува голем дел од комуникацијата на населението. Според досега објавените документи, вакви системи се делумно на сила во Мексико, Кенија и на Филипините, а целосно ги опфаќаат Бахамите и во уште една земја.

Познавачите ова го сметаат за прв сериозен доказ за тоа дека Julian Assange, за кого се претпоставува дека стои зад профилот на Wikileaks на Твитер, има пристап до документите на Edward Snowden. Дел од новинарите се загрижени дека Assange би можел да објави и други чувствителни податоци, без да води сметка за последиците по човечките животи што тоа би можело да ги предизвика.

Извор