Околу 1.300 матуранти по осми пат вo петок на градскиот плоштад „Македонија“ ќе играат квадрил, но и салса како дел од „Матурската парада 2014“. Покрај скопските матуранти од 22 училишта, ќе танцуваат и матуранти од Струмица, Гевгелија, Охрид и Струга.
Собирањето и подготовките за настанот ќе почнат в петок во 9 часот. Од 10:30 до 11 часот матурантите ќе дефилираат од градскиот плоштад „Македонија“, по кејот „13 Ноември“, пред хотелот „Холидеј Ин“, покрај улицата „Филип Втори Македонски“ до Собранието на Република Македонија и ќе влезат на плоштадот. По генералната ќе почне официјалниот дел од програмата.
На денешната прес конференција беа изнесени деталите за годинашната „Матурска парада“чии организатори се Дирекцијата за култура и уметност-Скопје и Танцовиот клуб „Ритам плус“ од Скопје.
Годинава манифестацијата има и натпреварувачки тек, да се постави Гинисов рекорд во категоријата истовремено синхронизирано одигрување на еден ист танц на различни места или во различни градови. Последните години составен дел на оваа манифестација е и изјавата/заклетва на матурантите за ненасилство.
Годинава девојките ќе носат розови маички, а момчињата црни со натписот „Матурска парада 2014“.