Што е тоа Даунов синдром, дали е болест или состојба, кои се гените и симптомите кај лицата кои се родени со овој синдром – се само дел од прашањата кои ќе бидат одговорени во вечерашното, второ издание на емисијата „Јас сум Цако“, која еднаш месечно се емитува на Радио МОФ.
Гости во втората емисија се генетичарот проф.д-р. Владимир Трајковски од Филозофски факултет, Бисера Младеновска, дефектолог во градинка и Марија Матовска, сестрата на Цако.Водител и автор на емисијата е Александар Матовски-Цако.
Александар и е познат на македонската јавност откако стана прв студент со Даунов синдром во Македонија. Тој исто така издаде две книги со поезија и има кафеав појас во карате, со што овој млад човек секојдневно ги соборува сите бариери и стереотипи кои се појавуваат пред него. Сега за прв пат во Македонија, лице со Даунов синдром има своја авторска радио емисија, каде се разговара за сите проблеми, предизвици и дилеми на младите лица со попреченост во земјата. Цако најавува многу поезија, хумор, но и отворена дискусија за табуата, социјалниот живот, сексуалноста, образованието и се друго што ги засега овие млади луѓе.
Емисијата се емитува еднаш месечно, секоја претпоследна среда во месецот во 20 часот и ќе може да ја слушнете на следниот линк: http://www.radiomof.mk/player/player.html