Младински образовен форум повика на запирање на насилството по убиството на младиот Ангел во населбата Ѓорче Петров. Радио МОФ интегрално го пренесува соопштението:
„Младински образовен форум (МОФ) го осудува убиството на младиот Ангел кое се случи во населбата Ѓорче Петров и сочувствува со неговото семејство, роднините и пријателите. Сметаме дека ваквиот чин на насилство не смее да се толерира и дека виновниците треба да бидат соодветно казнети низ судски процес.
Ја разбираме револтираноста кај младите и граѓаните, но инсистираме на разум, трезвено постапување и смирување на тензиите и насилството кои дополнително ескалираа низ улиците во Ѓорче Петров. Ги повикуваме младите да не ги перцепираат меѓуетничките разлики како причина за убиството и да не одговараат со насилство врз невини граѓани и нивните имоти.
Ланецот насилство мора да запре!
Затоа, ги повикуваме и полициските сили да се воздржат од насилство врз младите луѓе и да обезбедат мирен терен без брутално однесување, со цел да не внесуваат дополнителни тензии. Имајќи ги во предвид информациите од теренот, апелираме до МВР да не приведува случајни минувачи и млади кои на никаков начин не се поврзани ниту со убиството ниту со насилнсите улични протести.
МОФ апелира и за демократски однос кон новинарите и претстaвниците на медиумите. МВРне смее да го одзема правото на граѓаните да бидат информирани за тековните случувања.
Конечно, последниот и најсилен апел е до носителите на одлуки во Република Македонија. Бараме итна реакција и повик за мир од страна на лидерите на сите политички партии, носителите на функции во институциите, Премиерот и Претседателот на државата. Молкот на институциите води кон разногласија и шпекулации меѓу јавноста, па затоа неопходна е нивна јасна и јавна реакција.
Македонија е земја на различности и затоа институциите треба да бараат системски решенија за интеграција, како замена за ланецот насилство кој деновиве репризно, по кој знае кој пат се повторува на улиците.“