Виџиленца Абази: Треба да се гледа на можностите, а не на ограничувањата

Од ученичка во гимназијата „Зеф Љуш Марку“, преку Правниот факултет во Скопје, па се до престижните универзитети во Амстердам и Њујорк, Виџиленца Абази ги живее своите соништа. Има само 25 години, вистински го сака правото и ја гради својата академска кариера. За нејзиното образование, стипендиите и предизвиците, Виџиленца од Њујорк раскажува во интервјуто за Радио МОФ, направено преку Скајп.

Виџиленца Абази Таа сега на универзитетот „Колумбија“ ја работи својата докторска теза за што има добиено „Фулбрајт“ стипендија. Истовремено е докторанд на Универзитетот во Амстерам каде што ги заврши своите магистарски студии. Скромна и искрена, оваа Албанка од Македонија полека и сигурно ги крши стереотипите за Балканот.

Македонија, Холандија, САД, интересна приказна… за почеток, зошто го избравте правото за ваша идна професија?

Можеби тоа е дел од моето воспитување, од моите родители, дека правилата се добри, дека има нешто во правото што прави добро за општтеството, дека вреди за луѓето и дека преку правото може да се прават промените кои ги сакаме во општеството. Јас бев многу активна како тинејџер со Црвен крст, имавме многу активности, работевме во многу села, со Роми, со бездомници, со многу различни луѓе. Тогаш почнав да сфаќам дека некои работи не се само проблем поради личните избори на луѓето со кои работевме , туку поради состојбата во која тие се наоѓаат, а таа состојба може најбрзо да се промени на некое општествено ниво. Затоа по третата година средно, се одлучив за правото и се гледав себе си како иден правник кој ќе има некаква улога во општеството.

Со одличен успех на „Јустинијан Први“ во Скопје, одлучивте да заминете во Амстердам на постдипломски студии. Зошто Холандија?

Европско право и меѓународно право најмногу ме привлекуваше. Знаев дека ќе продолжам со ова и дека мастерот ќе го учам во странство. Ми беше предизвик да се докажам себе си, не само во Македонија, туку и на европско ниво. Аплицирав на повеќе универзитети, а поради мојот успех на Правниот факултет, бев прифатена на дури пет универзитети. Дилемата беше меѓу Париз и Амстердам, но сепак одлучив за Амстердам и за Холандија. Ова беше прекрасно искуство. Уште првиот месец од студиите, на часот по меѓународно право, благодарение на мојот есеј, професорката ми предложи да станам асистентка. Ми беше нереално, но почнав да работам. Така се запознав подобро со академската работа и што значи да си истражувач.

Според вашето искуство, што беше пресудно за да ве примат на Универзитетот во Амстердам?

Кога аплицирав веќе се чувствуваше економската криза, а некои стипендии за студенти од Македонија веќе беа укинати. Затоа морав да се натпреварувам со студенти од цел свет, само со мојот успех и квалификации. Мислам дека целиот профил беше важен, не се само оценките. Секако дека тие сакаат да видат дека како правник имате добри оценки, но мислам дека луѓето кои се општествено ангажирани и покажуваат повеќе интереси имаат предност. Јас додека студирав во Скопје секое лето одев на размена на студенти, на летни штоли, сакав да се запознаам со размислувањето на младите во Европа.

Велите дека не верувавте оти ќе успеевте, но сепак вашата докторска теза беше прифатена на универзитетот „Колумбија“. Како ги редевте коцките за вашето заминување во САД?

Виџиленца Абази По мастерот во Амстердам требаше да аплицирам за работа, бидејќи ако во Холандија продолжите со докторски студии, веќе треба да сте дел од универзитетот. Aплицирав со голема поддршка на мојата професорка од Холандија. Бев резервирана, но ете се случи. На „Колумбија“, мојот предлог за истражување на европското право поврзано со транспарентноста и меѓународни односи им беше интересен… и ме прифатија. Потоа аплицирав за Фулбрајт стипендија преку Македонија, бидејќи без стипендија тешко ќе заминев во САД. Беше навистина интересно да докажувам дека едно девојче од Македонија, кое живее во Холандија и работи на европско право треба да оди во САД за нејзината докторска теза. Сепак, тие беа убедени дека мојот проект е вреден.

Што за вас досега, во вашата кариера го сметате за најголем успех?

Во однос на образованието, да се дојде на Колумбија беше огромен успех, бидејќи јас не бев ниту свесна што значи млад човек од Македонија да дојде овде особено како „visiting scholar“. Во однос на придонесот во врска со мојата работа, за мене успех беше кога бев запрашана од Европската комисија да дадам правно мислење за законскиот предлог за реформа на „Europol“ која што сега се случува. И нешто, за во блиска иднина поради што сум среќна е објавувањето напис за мој труд во „German Law Journal“. Сепак, верувам дека најголемите успеси се пред мене.

Колку македонските организации и институции се заинтересирани да го искористат она што вие го знаете, постојат ли контакти и интерес за тоа?

Во Македонија не сме систематски ориентирани како да ги искористиме нашите луѓе било каде во светот. За време на моите студии наидував на многу паметни луѓе од Македонија, и во Холандија и во САД и сфатив дека има толку многу квалитет, за кој не знам колку надлежните знаат да го искористат, немаат систем да дознаат за овие млади луѓе. Јас постојано читам се што се случува во Македонија, разговарам со моите родители кои се вознемирени поради економската состојба, сиромаштијата, но иако Македонија ми е во мислите и сакам да дадам свој придонес, можностите за тоа биле сведени на нула. Сакам да се вратам и сакам да и помогнам на Македонија. Сепак ако треба јас како Албанка, да докажувам дека моите намери се искрени, тоа е исцрпувачки и тоа треба да се промени, да се скршат некои предрасуди.

Виџиленца Абази Како го минувате слободното време и во што навистина уживате?

Мојот живот сега во САД многу се разликува од оној во Амстердам. Во Амстердам сум постојано на мојот велосипед, одам многу порано на работа, имам канцеларија и колеги. Тука во САД на докторските студии многу повеќе ве третираат како студент и ви се отворени поинакви можности. Градот навистина никогаш не спие и тоа е така, а со Фулбајт имам отворени врати на многу културни настани. Како човек кој вистински го сака џезот, Њујорк е сигурно најдоброто место. Инаку она што ми дава енергија е трчањето, трчав на полумаратонот во Њујорк во март и беше навистина прекрасно.

И за крај накратко – што би им порачале на средношколците и студентите до Македонија?

Да гледаат многу подалеку од тоа што се случува во Македонија. Сите овие чекори не се лесни, не е лесна една апликација, има многу, многу работа, но вреди да се даде тој труд и вреди да се верува во себе. Треба да се гледа на можностите, а не на ограничувањата. Јас така направив, и дефинитивно вредеше.

Ј.Ј.