Под мотот „Ново и старо“ од 27 до 31 мај во Струмица ќе се одржи десетотот, јубилејно издание на Интернационалниот филмски фестивал „Астерфест“. Организаторите најавуваат актуелни филмски наслови и многу гости.
Во програмата „Глобална фикција“ составена од кратки играни филмови влегоа: оскаровецот „Хелиум“ на Андерс Валтер од Данска, „Добро време за умирање“ на Сенад Абдули од Македонија, „Девојката што избега (исплашена) од светот“ на Џони Харн од Англија, полските „Бирди“ на Ева Кочанска и „Жар“ на Бартош Крухлик, „Амел“ на Море Раца од Косово и „Гори светот“ на Џастин Океј од Канада.
Во креативната документарна програма „Ѕвездени документи“ влегоа филмовите: минатогодишниот победник од Локарно „Рафаеловиот пат“ на Италијанецот Алесандро Фалко, „Калуш што мислев дека го познавам“ на познатиот Бернард Дичек од Израел, „Измет врз бедата“ на Индиецот Вијај Јода, босанскиот „Небо“ на Дино Касало, „Звуци за Мазин“ на Ингрид Камерлинг од Холандија.
Во анимираната програма „Анимоушн“ има исто така ексклузивни филмови, како што се: оскаровецот „Г-дин Хублот“ на Лорент Витз од Луксембург, „Блок“ на Британецот Лига Стеда, епизода од „Литературните мистификации“ на Јорис Клерте од Франција, „Веслач“ на Лука и Душко Шево од Србија и „Најблиски и најдраги“ на Макс Штор и Михаел Зибер од Германија.
Куриозитет е што во програмата „Мувиленд“ овој пат ќе се прикажат шест наградувани кратки играни филмови од Австрија – „Прв поглед“ на Јулијана Неухубер, „Скок во времето“ на Андреас Реизенбауер, „Сестра“ на Михаел Ритмансбергер, „Постмодерни времиња“ на Јулија Фрик, „Нечуен“ на Зигмунд Скалар и „Последниот гостин“ на Маркус Енгел.
Подготвен е посебен ретроспективен блок на интересни домашни кратки играни филмови од поновата продукција: „Намини бар еднаш“ на Косара Митиќ, „409“ на Даријан Пејовски, „Материјал за аудиција“ на Ѓорче Ставрески, „Влакна“ на Елеонора Венинова, „Човекот со чудна навика да ме удира со чадор по глава“ на Вардан Тозија, „Синот“ на Марко Ѓоковиќ, „Мал дисконтинуитет во време-просторот“ на Гоце Цветановски и „(Не)нормален“ на Ице Виранов. На филмската селекција во одделните програмски категории работеа: Сунчица Уневска, Гена Теодосиевска, Влатко Галевски и Марјан Захов-Пецев.
На отворањето треба да им бидат врачени наградите на годинашните лауреати, на режисерот Борис Геретс и актерката Љупка Џундева. Во нивна чест, на крајот од фестивалот ќе се прикаже документарецот „Човек-сенка“ на Борис Геретс, филм кој беше прикажан на ИДФА и на други места, а веќе е селектиран и за фестивалот во Нион.
Покрај проекциите, ќе се одржат Астер портретите и Тивериополските филмски беседи во манастирот „Воведение на Пресвета Богородица Елеуса“ во Велјуса, а ќе има и мастер клас за младите филмаџии и љубители на филмот.
Организаторите ја објавија и специјална публикација насловена „Ново и старо“, што е годишното мото на фестивалот.