Вечерва во Младинскиот културен центар сопочеток во 20 часот се отвора Фестивалот ПРО-ЗА Балкан. На свеченото отворање ќе се обратат писателите: Даша Дрндиќ од Хрватска, добитник на наградата „Прозарт” што фестивалот ја доделува на истакнат автор од Балканот за авторски допринос кон развојот на балканската книжевност; Алеш Чар од Словенија; Марио Леви од Турција; Драги Михајловски од Македонија; Слободан Шијан од Србија и Ненад Величковиќ од Босна и Херцеговина.
По завршувањето на првата вечер посетителите ќе имаат можност да набават книги од повеќето автори со нивен потпис.
Веќе од среда, ќе започне првиот литературен пазар во Македонија, кадешто десетина издавачи од Македонија ќе им претстават повеќе од дваесетина наши писатели на членовите на првата Скопје фелоушип програма. Меѓу нив, е светски познатиот литературен скаут, една од најпознатите дами во светот на издаваштвото, скаут за Пингвин, за Рандом хаус Канада и уште многу други – Ен Луис Фишер од Велика Британија.
Во Македонија доаѓа и Сузан Кертис – Којаковиќ, веројатно единствениот специјализиран издавач за литература од Балканот во Велика Британија. Таа важи и за издавач што обрнува големо внимание и на промоција на преводите на нејзините книги, па во Лондон редовно организира промоции во присуство на нејзините автори често во соработка со министерствата за култура од земјите од Балканот. Нејзините автори не ретко добиваат и рецензии во престижни лондонски медиуми. Преводи од Истрос букс, исто така, влегле во избор за престижната Даблин Импак награда.
За фествивалот во Скопје доаѓа и Лајтес Лусиен, сопственик на Унионсферлаг, швајцарскиот издавач на нобеловците Мо Јан и Нагиб Махфуз, потоа на Гиљермо Арага, Асли Ердоган, Радјард Киплинг, Адам Загајевски… Унионсферлаг е издавач од Цирих, Швајцарија, а издаваат книги во превод на германски јазик.
Организатор на интернационалниот литературен фестивал ПРО-ЗА Балкан е издавачката куќа Икона. Директор на фестивалот е Дејан Трајкоски. Уметнички директор е Александар Прокопиев, а членови на Уметничкиот совет на фестивалот се професорите Елизабета Шелева и Ермис Лафазановски. Продуцент на фестивалот е Николчо Мадешовски, директор на Икона.
Одборот за доделување на наградата „Прозарт“што фестивалот ја доделува на истакнат автор од Балканот за авторски допринос кон развојот на балканската книжевност е составен од: првиот лауреат на наградата „Прозарт“, српскиот писател Владислав Бајац, уметничкиот директор Прокопиев, членовите на Уметничкиот совет на фестивалот и директорот Дејан Трајкоски.