Застапувањето, активизмот и залагањето за акција беа главни теми на дискусијата која денеска ја организираа Младински образовен форум (МОФ) и Фондацијата ИДЕА Југоисточна Европа. На неа беше истакната важноста на младинскиот активизам преку искуствата од акциите како„Стоп за полициската бруталност“, „Фото Глас“, „Стоп на ограничувањето на правото на абортус“, „Да го оживееме спортски“…
Целта на дискусијата беше да се споделат теоретски и практични знаења за тоа како може да се направат промени за подобрување на животот на заедницата, а беше промовиран и прирачникот „Залагање за акција”. Како што истакна Марјан Стојнев, од ИДЕА ЈИЕ кои заедно со МОФ , обезбедија превод и печатење на изданието на македонски јазик, прирачникот ќе им помогне на младите да го препознаат процесот на застапување и да го имплементираат во рамките на своите општества.
Марјан Забрчанец, извршен директор на МОФ пак се осврна на процесот на застапување и истакна дека токму здружувањата и анимирањето на што повеќе граќани и организации е клучот за успехот во македонското општество. Како успешни примери на активистичко здружување тој ги наведе повлекувањето на предлог законот за млади и подоцнежното основање на Националниот младински совет, Операцијата студентски дом, но и неодамнешите акции за Вања Лазарова и за укинувањето на ДДВ за помошта на погодените во поплавите во Србија и Босна и Херцеговина.
Според Мајкл Стивејтер, директор на УСАИД Македонија, кој беше еден од говорниците на настанот, учеството на граѓаните во креирањето на политиките е главниот предуслов за демократско општество.
„Невладините акции треба да ја покажат нивната видливост во јавноста, не само да привлечат поголем број луѓе, но и да покажат транспарентност и отвореност во работата, да покажат што сакаат да постигнат и објаснат што работат на некој што не им е близок во проблемите. Вмрежувањето и соработката се клучни за постигнување на влијанија или промени во политиките“, изјави Стивејтер.
Објаснувајќи ја платформата на „Фото глас – индивидуално и здружено залагање за локална промена“, активистот Никола Писарев посочи дека и една обична фотографија испратена на вистинското место може да предизвика промени.
„Застапувањето го гледавме како креирање мирен, тивок, но потенцијално многу опасен конфликт за оние кои ги носат одлуките. Од таа ситуација, кога ќе креирате активистички една мала застапувачка платформа, го дефинирате проблемот и предизвикувате реакција кај луѓето и мобилизација, оние кои се директно надлежни за решавање на тој проблем, приметивме дека многу сериозно се зафаќаат(за негово решавање), особено за оние проблеми кои се препознаени на ниво на заедница“, појасни Писарев кој додаде дека застапувањето за општествени промени не значи дека само треба да се критикува, туку и да се преземе акција.
На дискусијата беше заклучено дека заедничко за многу од овие акции е тоа што битките не се целосно извојувани, а голем број од институциите се уште даваат голем отпор кон барањата на граѓаните. Сепак, истакнаа дел од говорниците, ваквите препреки се мотивација за идни активности кои носат позитивни промени во заедницата.
Ј.Ј.