На самиот старт на десеттото јубилејно издание на интернационалниот филмски фестивал Астерфест, филмскиот и театарски режисер и писател, воедно и директор на фестивалот, Горан Тренчоски им посака добредојде на посетителите со желби за облагородување на животот со нови филмски соништа во поголем број.
На првата вечер беше доделено специјалното признание за високи достигнувања во филмската и драмската уметност на актерката Љупка Џундева, која дури и на овие години се уште драматично зборува за сопствената љубов кон професијата. Наградата Астер за високи достигнувања во европскиот и светскиот филм му беше доделена на Борис Геретс – режисер, меѓународно признат автор на документарни филмови и докажан визуелен уметник.
Пред проекцијата на краткиот игран филм „Хелиум“, главната инспирација за овој филм на публиката и ја раскажа режисерот Andres Walter. Станува збор за олеснување на болката и стравот од смртта преку бегство во имагинацијата. Малиот Алфред, во последните денови од својот живот, го среќава несекојдневниот Енцо кој го носи на невообичаено патување во магичниот свет Хелиум. Во тој магичен свет Енцо му овозможува на Алфред да ја искуси надежта која веќе одамна ја има изгубено, иако е мало дете. Станува збор за колаж од интимни и смирувачки моменти во кои секој гледач може да се препознае себеси. Иако станува збор за нискобуџетен филм, визуелниот израз на светот беше одлично изведен. На крајот на филмот, искрата надеж и сочувствувањето со Алфред беа основните емоции кај гледачите во салата.
На програмата на Астерфест годинава се предвидени 30тина филмови поделени во 4 категории. Повеќе информации за програмата можете да прочитате тука.
Јована Ѓорѓиовска