[Колумна] Да создадеме средина во која електронската музика слободно ќе се развива

Денес сме сведоци на тоа како електронската музика полека навлегува во секојдневните животи. Овој тренд евидентно се одвива и во нашата држава. Некои луѓе се обидуваат да го игнорираат или сакаат да го отфрлат како нерелевантен. Јас во текстов ќе се обидам да ги демантирам ваквите верувања, целејќи кон проширување на разбирањето на електронската музика и клубската култура која според мене е јасно огледало на реалноста на модерниот свет во кој живееме, за тоа и треба да се негува за да постигнеме подобар квалитет на живеењето.

[Колумна]Да создадеме средина во која електронската музика слободно ќе се развиваМоментално сцената во Скопје е сведена на неколку клубови, радио станици, промотерски организации и журкаџии кои функционираат тотално одделени од секојдневниот живот, како и речиси сосем одделени од сцените во соседството. Во ваквата изолирана средина не се случува потребното мешање на култури за ревитализација и реинвентирање на културата. Навикнати на трите клубови во градот, на еден ист концепт на клубска вечер во која загревачкото темпо преминува во екстатично, кулминирачки ритам за при крајот повторно да забави, влезени сме во една фаза на летаргичност на сцената во која журкаџиите не танцуваат слободно, а промотерите не се нафаќаат да преземат никаков ризик.

Секако дека можеме, а и со право ги обвинуваме условите, сопствениците на клубовите и затворените умови, меѓутoа сметам дека ништо не би го закочило подемот доколку навистина се потрудиме да ги направиме работите како што треба, какви што навистина сакаме да бидат. Идејата е да станеме пример на позитивно трансформирани индивидуи* од културата која ја развиваме, а со тоа и да ја инспирираме љубопитноста кај останатите за откривање на оваа алтернативна култура. Токму овој начин, преку инспирација, е далеку поефективен од наметнувањето одредена култура. Некои активни учесници на електронската сцена преку наметнувањето на своите ставови всушност само го бранат статусот кво кој нема да издржи уште многу долго.

klaudОвозможувачката средина која јас ја замислувам почнува со создавање на платформи за пласирање музички идеи, каде ќе има интеракција помеѓу членови кои ќе се менуваат. Клубската сцена не треба стриктно да се развива во ноќните клубови, туку може да изградиме и алтернативни решенија. Овој процес преку соработка со медиумите ќе пристигнува до нови лица кои ќе се придружат на постоечките**, ќе настане есенцијалниот процес на размена на идеите и тие ќе го повторат процесот развивајќи нови и подобри платформи за развивање на духот на музиката. Токму затоа сметам дека моменталната изолација на сцената создава летаргичност и токму затоа оваа сцена треба да навлезе во повеќе сфери од секојдневниот живот.

Како неколку вакви позитивни примери*** би сакал да ги напоменам Диџеј работилницата каде членовите учат да миксаат на плочи, Меш Радио платформата која е фузија од медиуми и промотерска организација, нешто што е типично за модерната “интернет” доба, но и да не заборавам на битолчаните Асоцијација 615 кои се еден супер пример за ширење и култивација на оваа култура.

Свесен сум дека некои од проблемите со кои се соочуваме може да се најдат и во многу други сфери од општеството. Тоа се оние структурни проблеми кои настанале додека евоулирало нашето општество, социјалниот живот и индивидуалната свест. Ова се работи кои нема да се променат колку и да работиме на подобрување на сцената, туку единствено би се смениле преку развивање на граѓанското општество што е уште една причина зошто електронската сцена наместо да се изолира треба да биде во контакт со други сфери од општеството за да се согледаат заедничките проблеми и заедно да се делува. Една релевантна паралела е да се споредат „Здраво Млади“ фестивалот и MAD во Белград. Сметам дека централизираната организација на „Здраво Млади“ послабо им служи на потребите на слушателите од децентрализираниот MAD кој преку соработка со повеќето “екипи” од Белград го понуди секој својствен звук кој вирее во градот.

Јавно повикувам до организацијата на МКЦ за соработка со сите нас кои промовираме оригинален звук во нашиот град. Бесплатно ќе ја добијат нашата експертиза, како и нашата публика. Исто така јавно повикувам на здружување на разните сцени. Јас како голем љубител на хаус музиката имам интереси кон хип хоп сцената поради тоа што делиме исти корења. Свесен сум дека во хип хопот нешто добро се случува, меѓутоа тоа е некако дистантно, претпоставувам дека и нивното видување кон нашата сцена е слично.

https://www.facebook.com/events/661145473964721/663935510352384/?notif_t=plan_mall_activityКако што се наближувам кон крајот би сакам да допрам неколку суштински теми. Во целиот процес на имплементација на електронската сцена во секојдневните животи не смее да заборавиме дека таа настанала како отпор. Електронската музика е негативен општествен феномен, што значи дека нејзина оригинална карактеристика е недостиг на нешто. Негативниот аспект е секако незадоволството и непронаоѓањето во меинстрим културата како и незадоволството од монотонијата на секојдневниот живот.

Електронската музика која постои веќе триесетина години полека влегува во фаза на зрелост и нејзиното навлегување во секојдневниот живот е секуларен процес кој долго ќе трае. Како лекција може да послужи приказната на џез музиката. Двата жанрови се појавиле како своевиден отпор. И двата жанрови многу ретко користат вокали што ги прави апстрактни така што музиката секој ја доживува на свој начин. Електронската музика е бегство од наметнатата реалност и поради тоа апстрактноста е нејзина суштинска карактеристика. Сетете се на приказните за рејвови пред да почнете да излегувате во клубовите и размислете колку различно сето тоа ни делувало од “реалноста”**** во која сетилата безнадежно стагнираат.

Процесот на академизација на џезот го лиши токму од дефинирачките карактеристики. Модерниот ум е бескрајно склон кон категоризација со цел да им залепи етикета на работите за полесно да се интегрираат во “реалноста” и да се продаваат. Нешто за што вреди да се бориме е слобода на искажување преку танцот кој е интегрален дел од еволуцијата на човекот уште од првобитното општество. Електронската музика е сопствено прибежиште каде духот слободно вирее.

Божидар Христов aкa DJ Ulterior

—————————————————————————————————————————————————————

*Јас сметам дека музиката ми го подобрува секој ден од животот и секогаш пробувам ова да го пробудам и кај другите без да ги наметнувам моите ставови.

**За разлика од моменталната состојба во која диџеите ги чуваат своите места во клубовите поради сигурна рента наместо да соработуваат и да се натпреваруваат.

***Не велам дека ова се сите примери.

****Зборот е во наводници поради тоа што сметам дека она што општеството ни го сервира како реалност е всушност сосем спротивно. Како една лага во која сите се правиме дека веруваме и со тоа си нанесуваме трајна штета на духот.