Во рамките на „Скопско лето“, вечерва (2 јули) на Факултетот за ликовна уметност – Сули ан со почеток во 21:00 часот, концерт ќе има Биг-бендот на Македонската радио-телевизија. Со оркестарот раководи Љупчо Мирковски, поранешен трубач во Биг-бендот, автор на забавна и џез музика.
Биг-бендот на МРТ е формиран во 1961 година. Негов прв диригент е македонската музичка легенда Драган Ѓаконовски-Шпато, а потоа диригентската палка ја наследуваат и Александар Џамбазов, Илија Пејовски и Кире Костов. До 2002 година, до кога оркестарот и дејствува во континуитет, тој претставува вистински стожер на македонската забавна и џез-музика. Особено е значајна неговата улога во афирмирањето на творештвото на македонските џез-композитори. По неколкугодишниот прекин на својата благородна уметничка дејност, Биг-бендот на МРТ во 2012 година беше обновен.
На концертот ќе настапат: Ристе Колев, Сенад Усеин, Александар Златевски и Драган Младеновски – труби, Сашко Николовски, Владан Дробицки, Никола Ристевски и Виктор Илиески – тромбони, Борислав Веселинов, Игор Стефановски, Иван Иванов, Игор
Иванов и Нинослав Димов – саксафони, Дамир Имери – пијано, Зоран Кирјаковски – клавијатури, Зоран Костадиновски – гитара, Мартин Вучиќ и Благоја Антовски – тапани и перкусии и Никола Автовски – бас гитара.