Коловозот на улицата „Јордан Мијалков“ во центарот на Скопје од вчера е стеснет поради градежни работи. Речиси на половина од улицата се поставени метални тараби, па едната лента од коловозот и од тротоарот повеќе не се достапни.
Според планот на Градот, во следниот период оваа улица треба да се прошири и повторно да стане двонасочна, за да го преземе сообраќајот од Јужниот булевар, кој ќе биде затворен поради изградба на подземна сообраќајница.
Надлежните во Град Скопје за Вест велат дека во тек се работи за на подземната инфраструктура:
“Град Скопје сè уште нема почнато со проширувањето на улицата. Во тек се претподготвителни активности за воведување во работа на изведувачот. Јавноста дополнително ќе биде информирана за почетокот на проширувањето”, велат од Град Скопје.
Од Градот не одговорија на прашањето на Вест – колку дрвја ќе бидат исечени за да може да се прошири улицата. Со оглед на тоа што таа со својата сегашна широчина од двете страни е ограничена со дрвореди, можно е обновувањето да значи сечење на многу дрвја по должина од 850-те метри, колку што се предвидени во проектот. За овој зафат Градот ќе потроши 60 милиони денари (околу 1 милион евра).