Вечерва (3 јули ) во Мала станица ќе биде отворена самостојна изложба на младата македонска уметничка Ана Матовска под наслов „Related parties“.
Ана Матовска во 2006 година дипломирала на Факултетот за ликовни уметности во Скопје, отсек графика со графички дизајн, во класата на проф. Димитар Малиданов. Од 2007 година е член на Друштвото на ликовни уметници на Македонија (ДЛУМ), од 2009 година живее и работи во Берлин. Во 2013 година дипломира на Berliner Technische Kunstschule (Akademie für Gestaltung), отсек комуникација дизајн и е член на Professional Association of Visual Artist Berlin (bbk berlin e.V.).Таа има реализирано 5 самостојни изложби во Берлин (2007, 2009, 2013), Скопје (2007) и Њујорк (2012).
„Насловот „Related Parties“ на изложбата на Ана Матовска, претставена во Националната галерија на Македонија, а претходно и во „Gallery MC“ во Њујорк (2012), може да се преведе на македонски најсоодветно како „поврзани субјекти“. Токму именката „субјекти“ и придавката „поврзани“ се означувачки елементи на делата претставени на оваа изложба, изработени во неколку циклуси во период од 5 години. Симболичниот наслов реферира на инсистирање на субјективизам, поседување свој сопствен свет, став и исказ по однос на одредени прашања од реалноста, односно доследно дистанцирање од секојдневието“, се наведува во поканата за настанот.
Изложбата е дел од програмските активности на НУ Национална галерија на Македонија за 2014 година, а е финансирана од Министерството за култура на Република Македонија.