Пред 3 години, поведени од фактот дека е ограничен просторот во кој младите можат да се изразат, креиравме медиум кој е отворена платформа за промоција на младинската, културната и креативната заедница. Овие 3 години активно работиме на продуцирање независни и објективни програмски содржини и промоција на алтернативна и квалитетна музика.
Сепак проценивме дека јавноста има потреба од повеќе младински медиумски содржини кои Радио МОФ може ги обезбеди во соработка со млади креативци, новинари и активисти. Токму затоа Радио МОФ распишува повик за пријавување на нови авторски емисии кои ќе се емитуваат во редовната програма од септември.
За аплицирање на повикот потребна ви е интересна и смела идеја за емисија. Темите кои можат да бидат опфатени се шират од младинскиот свет до општествените промени, од промоција на нова музика до разговори за последните уметнички случувања, од дебати за технолошкиот напредок до анализа на најновите научни откритија.
Заинтересираните треба да ја пополнат апликацијата подолу, а крајниот рок за повикот е 1-ви август, заклучно со полноќ. Пријавените кандидати ќе бидат повикани на интервју и аудиција, а за избраните ќе биде организирана и мини обука.