Меѓународните институции, невладините организации, странските претставништва реагираат на вчерашните протести кои се случија во Скопје, а поради незадоволство на дел од граѓаните од судската пресуда во случајот Монструм.
Ги повикуваме граѓаните да останат смирени и да се воздржат од насилство. Ги повикуваме граѓаните и лидерите на државата да се соединат и во дух на конструктивен дијалог да се осврнат кон прашањата кои ги поткопуваат заемното разбирање и меѓуетничките односи, се вели во заедничката изјава на Делегацијата на ЕУ, Амбасадата на САД, Мисијата на ОБСЕ и Мисијата на НАТО.
Во изјавата се додава дека сите граѓани имаат право на протест и да ги изразуваат своите гледишта на мирен начин, но не и право да се вклучуваат во деструктивни и насилни акти.
„Додека секој меѓуетнички инцидент или обид за поттикнување нетолеранција претставува можност за политизирање или искористување на ситуацијата за лична или политичка корист, тоа исто така претставува можност за отворање дијалог и за зајакнување на врските меѓу различните заедници. Ова е можност за лидерите да застанат во име на интегрирана Држава која целосно го почитува диверзитетот“, се додава во заедничката изјава.
Министерството за надворешни работи на Албанија пак искажува загриженост за како што се наведува во нивното соопштение , насилството што полицијата го применила за време на протестите на Албанците. Оттаму бараат македонските власти и судот да гарантираат праведно судење.
„Насилството не придонесува во расветлувањето на прашањето и е на штета на меѓуетничките односи и хармонијата меѓу заедниците. МНР ќе продолжи со посебно внимание да ги следи случувањата во Скопје и апелира до страните да покажат воздржаност и ладнокрвност“, стои во соопштението на албанското Министерство за надврошени работи.
Вчера за воздржување од насилни дејствија повика и невладината „Цивил“. Тие апелираа до сите граѓани и до полицијата за воздржување од употреба на оружје и насилство, но упатија апел и до сите политички елити да излезат со заедничка изјава и да преземат итни чекори за смирување на состојбата.
Протестите ескалираа вчера попладне кога групата главно млади демомнстранти протестирајќи против пресудите доживотен затвор за обвинетите за петкратното убиство кај Смилковско Езеро се судрија со полициските сили. Тие ја каменуваа зградата на Основниот суд во Скопје, а нивниот обид да тргнат кон Владата беше спречен од полицијата, по што нередите се поместија кон Битпазар и Чаир. Полицијата притоа интервенираше со димни бомби и водени топови, а во протестите беа повредени дваесетина лица.