Да ја совладаме хомофобијата почнувајќи од нашиот образовен систем, кој има за цел да ја едуцира нашата младина. Професори и професорки, служители, директори, соученици, случајни поминувачи, родители, роднини, пријатели и вашиот молк е хомофобичен, пишува Љуми Бекири, Здружение за критички пристап кон родот и сексуалноста „Субверзивен Фронт“ Скопје. Национална мрежа за борба против хомофобијата и трансфобијата, во младинската онлајн колумна на Радио Слободна Европа.
Се раѓаме со љубов, но омразата и презирот ни ги учат уште од мали нозе. Во моментот кога твоите родители и роднини имаат поголема доза на радост за вашето доаѓање на овој свет само затоа што сте од машкиот пол ни покажува во каква средина живееме.
Педерите се женствени, предавници на светата машкост, чија светост со векови ја гледаме како делува на општеството и на сите тие што не се вклопуваат во тој нивен патријархален свет. Уште од мали нозе дома се запознаваш со хомофобијата и таа треба да ти стане вечен пријател, ангел чувар до крајот на твојот живот.
„Педер“ ќе стане најголемата навреда во твоето запознавање со маалските другари. Тогаш некоја тетка ќе ве предупреди да не се навредувате веќе така, не затоа што тоа го мислете со навреда, туку затоа што е многу лошо да кажеш на некој дека е „педер“, лошо е да си педер.
Се изградивме како независна држава со образовен систем каде што на часот по етика се проголтува моралот и се учи како хомосексуалноста е болест и дело на ѓаволот. Во книгите кои што треба да ја едуцираат иднината на државата учиш дека си девијантна појава. Во овој модерен свет на информирањето твоите професори пишуваат хомофобични статуси на социјалните мрежи.
„Да беше бремена и со одлука да родиш би ти помогнала, но бидејќи си лезбејка не можам да сторам ништо да ти помогнам и заштитам“ – вели психологот на училиштето. Повикуван си на консултации кај педагозите и психолозите на училиштата да не си во некоја секта која те приморува да си геј. Твојот класен ти се чуди како може една лезбејка да ја заврши годината целосно одлична. Добродојдовте во една наша гимназија.
Никаде нема предавања за сексуалноста гледано од поширок аспект. Колку сме само ние образована младина, која што од основно училиште до факултет не ја научи разликата помеѓу хомосексуалноста и трансексуалноста. Каков е тој професор по социологија кој не знае што е сексуалноста, но сепак тврди дека хомосексуалноста е болест? Какви се сите тие педагози и психолози во нашите образовни системи кои што ни ја учат иднината на оваа држава на овој начин? Европско признаените сведителства и дипломи се ова? Нашите тинејџери никој не ги воспитува за сексуалното образование, дел од нив се приморани сами да истражуваат за тоа за да се информирани, затоа што живееме во општество каде што сексот е табу тема, а младите никој не ни ги учи како да се заштитат од различни болести, без разлика дали се работи за хомо или хетеросексуален однос. Но, сепак, религиско образование имаме дури во основните училишта како изборен предмет. Исто така се формира универзитетски институт каде што ќе се учи дека хомосексуалноста и разводот се болест.
Децата се свети и невини суштества, но со вакви семејни вредности и вакво образование ние само ги учиме да ја мразат љубовта. Да, хомосексуалноста е љубов, а хомофобијата е неприродна и нелогична омраза која нè води кон дискриминација и насилство. Да ја совладаме хомофобијата почнувајќи од нашиот образовен систем, кој има за цел да ја едуцира нашата младина. Професори и професорки, служители, директори, соученици, случајни поминувачи, родители, роднини, пријатели и вашиот молк е хомофобичен.
– Имате девојка?
– Да професорке, се вика Марко.
Извор: Радио Слободна Европа