По три децении транзиција, феријалните, детските и младински одморалишта во Македонија од симбол за рекреација се на листата на заборавените, анализира Дојче веле на македонски јазик. Некои се заглавени во судските лавиринти и пропаѓаат. Има ли спас за нив?
Збогувањето со еден општествен систем и чекорењето во нов преку ноќ ја смени судбината на овие одморалишта во Македонија. Со одлука на Владата на СДСМ, детските одморалишта беа дадени на 20 годишен закуп на вработените, па по 2006, кога на власт дојде ВМРО ДПМНЕ, решенијата беа поништени.
Дел од 25 објекти Министерството за труд и социјална политика одлучи да ги продава на приватни инвеститори, а дел да ги подари на државни институции. Детските одморалишта со продажбата станаа хотели, некои уште ја имаат истата улога, а други се руинирани и со нив умираат стотици детски спомени од минатото.
Министерот за труд и социјална политика, Диме Спасов деновиве на бесплатен одмор во објекти крај Охридското Езеро ја испрати првата група од деца од семејства со социјален ризик и деца корисници на посебен додаток за 2014 година. Со проектот на МТСП, којшто се реализира трета година, по 3.000 деца од социјално ранливи категории заминуваат на одмор, од кои 2.000 на летување, останатите на зимување.
Феријалното одморалиште и Младинскиот центар во Охрид под клуч
И додека иднината на детските одморалишта на еден или друг начин се решава, младинските и феријалните одморалишта се заглавени. Во населбата Далјан во Охрид, на пример, од некогашната живост деновиве ни трага. Под клуч, без надеж дека брзо ќе се решат споровите кои се водат пред надлежните судови, како неми сведоци за минатото запуштени сведочат Феријалното одморалиште „Младост“ и некогашниот Младински – рекреативен центар „Магнус“. Фотографирајќи ги објектите и трагајќи по вистината, покрај речиси празната плажа го забележавме Јосиф, жител на населбата Далјан:
„Ова е голема штета за сите нас. Дали се работи за политички реваншизам или нерешени имотно правни и сопственички односи, кој знае. Но, кој и да помине тука се прашува истото: „Како се дозволи ваквите објекти да пропаѓаат пред очите на општеството? Жално е што нема некој моќен човек – инвеститор или општината да преземе некоја иницијатива да не е ваква глетката. Два објекти еден до друг пропаѓаат. Тука доаѓаа сите познати уметници, сите од естрадата. Некогаш беше милина да се гледат млади и насмеани лица, а сега царува тишината,“ вели Јосиф.
Европските фондови се спас за агонијата, патот до нив долг и комплициран
Сосема случајно го среќаваме Шаид Јашари – генерален секретар на Феријален сојуз на Македонија, кој ни објаснува дека не е случајот ваков само со двата објекти во Охрид, туку дека сите младински објекти во Македонија имаат слична судбина. Од почетокот на деведесеттите години од минатиот век државата дигна раце од се’ што значи младински туризам.
„Оставени сме сами на себе. Не сме само ние феријалците, во иста каша се и извидниците, планинарите. И во Претор кампот на Феријалниот сојуз има слична приказна. Сите тие објекти се целосно руинирани и уништени. Ние како Феријален сојуз сме полноправна членка на Светската организација на младински хостели и уште функционираме благодарение на пријателствата и врските. За разлика од Македонија, во Европа младинските објекти се на исклучително високо ниво. Практиката покажува дека секаде каде што државата стои зад таквите објекти тие функционираат. Ние сме една од ретките држави каде што немаме ништо и никаква помош од државата.“
Сурова е и приказната со хотелот „Магнус“(на насловната фотографија). Државата им го одзеде на правните наследници на некогашниот Сојуз на социјалистичката младина на Македонија уште во 2001 година. Неговата сопственичка трансформација се’ уште е заглавена низ судските лавиринти. Најмногу настрадаа вработените, кои останаа без егзистенција, а хотелот е уништен. До средината на деведесеттите од минатиот век, за објектот беше заинтересиран и Советот на Европа – од него да направи тренинг центар. Такви обиди со серија кампови и курсеви имаше, ама од центарот не бидна ништо.
„Ако државата не застане зад нас, ние како поединци не можеме да направиме прогрес на тоа поле. Преку европски фондови се стремиме да повлечеме кредити. Тоа би бил единствениот начин ако сакаме да ги ставиме во функција. Тешко дека некој странски инвеститор би се нафатил да ги среди одморалиштата. Преговараме, а ништо конкретно не сме заклучиле,“ ни рече Јашари.
Успешни приказни има, но треба да се афирмираат и следат
Буквално, само на десет чекори од тажната слика, како да влеговме во друг свет. Одморалиштето на Друштвото за телесно воспитување „Партизан “ дел од Федерацијата на гимнастички спортови на Македонија, успеа да ја избегне агонијата.
„Кампот во Охрид е рекреативен центар во кој освен гимнастика, летувалците имаат и други спортски активности. Клубови од цела Македонија се натпреваруваат во повеќебој дисциплина која има традиција од шест децении. Кампот го реновиравме пред околу 4 години. Сега се обновуваат бунгаловите, а можна е изградба на хотел до два ката,“ вели Љупчо Арнаудов, претседател на федерацијата на гимнастички спортови на РМ. Според него, формулата за спас е објектите да одат под јавно – приватно партнерство, бидејќи државата за поголемиот дел од нив се покажала како лош сопственик.
Извор: Дојче Веле