Индексот не важи – бесплатен автобус за студенти во четврток само со посебни легитимации

Индексот за ЈСП нема да биде веродостоен доказ дека одредена личност е студент.  Оние кои ќе сакаат да се возат бесплатно во четврток прво ќе мора да пополнат барање кое потоа треба да се завери на соодветниот факултет за да се здобијат со легитимација слична на слободната месечна карта. Легитимацијата ќе ја добијат веднаш на која било автобуска станица.

ЈСП

Од ЈСП нè упатија на повикот во кој се опишани постапките што треба да ги преземат редовените и вонредни студенти ако сакаат еден ден во неделата бесплатно да се возат во автобусите на ЈСП.  Додека редовните студенти за да ја извадат оваа легитимација треба до ЈСП да приложат заверено барање и фотографија, на вонредните студенти ќе им треба и потврда од Агенцијата за вработување дека студентот не е во работен однос, но и здравствена легитимација на увид.

Екипата на Радио МОФ, додека го чекаше одговорот од ЈСП, се распраша по скопските билетарници зошто индексот, кој всушност претставува еден вид лична карта за студент не може да биде валиден доказ. Некои немаа одговор, други велат дека тоа е бидејќи сепак станувало збор за нешто што се дава бесплатно, а дел тврдеа дека единствено потврдата од факултет е доказ дека едно лице е студент.

Иако оваа процедура не делува како многу сложена, за некои од студентите и не е баш едноставна. Студентите досега најмногу се жалеа на службите за студентски прашања каде и за едно обично вадење треба да се чека.

„Сметам дека нема потреба од толкава процедура. Сосема доволно е студентот да го покаже својот индекс или студентска легитимација што впрочем и затоа ни ги даваат, за да може да се легитимираме како студенти. Така што сметам дека индексот е доволен за да се возиме гратис секој четврток или да посетиме театарска претстава или кино што ни следуваат “, вели студентката Љ.Н.

Откако надлежните на пензионерите им ги подарија вторник, петок, сабота, а сега и недела, на студентите одлучија да им го отстапат четврток. Покрај возењето со јавниот градски превоз во четврток тие ќе можат да се возат и на жичарницата на Водно, како и во државната железница.

По најавата дека владата за бесплатното студентско возење, од голем број млади стигнаа реакции околу тоа зошто баш четврток и зошто само еден ден. Реакции имаше претходно, кога се најави редовното поевтинување на летните месечни билети бидејќи во летниот период поголемиот дел од студентите и немаат потреба од нив.

Емилија Петреска