Тројцата професори на штипскиот Универзитет „Гоце Делчев“, кои без образложение останаа без работа, го продолжуваат штрајкот со глад, иако вчера беа избркани од просториите на Универзитетот од страна на обезбедувањето, пишува Фактор.
Крсте Шајноски, Маргарита Матлиеска и Александар Костадиновски денеска продолжија да штрајкуваат во просториите на Синдикатот за образование, наука и култура (СОНК) во Штип. Велат дека ќе истраат до крај се додека не се исполнат нивните барања. Ова е првпат во историјата на Македонија универзитетски професори да штрајкуваат со глад, барајќи ги своите права.
Штрајкот го почнаа откако Наставничкиот совет на Економскиот факултет, под водство на деканот Ристо Фотев, одлучи да не го почитува мислењето на стручната рецензентска комисија и не само да не ги избере во повисоко звање вонреден професор, туку да не им го потврди и досегашното звање доценти на факултетот.
Дел од академската јавност денеска им изрази поддршка на тројцата избркани професори. Така, професорот Томе Неновски отворено се изјасни дека нема законска основа за нивно бркање од работа, објави порталот.
Професорот Роберт Димитровски пак, побара Ректоратот да го дисциплинира деканот.
„Мислам дека УГД потпомогнато со МОН мора да изреагира и да го маргинализира значењето на оваа случка со цел тоа да не се претвори во практика. Обврската е пред се на институциите но и Ректорот кој треба да ги смири страстите и да го дисциплинира деканот кој изгледа нема доволна координација со Законот и академските узанси. Како инаку да го толкувам чинот во кој од една страна деканот е рецензент а од друга страна гласа против сопствената рецензија“, вели професорот Димитровски.
И според професорот Јове Кекеновски, законот е на страна на штрајкувачите.
„Жално е на ваков начин да се решаваат проблемите особено пред очите на јавноста и уште повеќе пред студентите. Се поставува прашањето каков ќе биде авторитетот на тие професори кои гласале против своите колеги. Законот е јасен и е на страна на штрајкувачите. Треба да победи правдата“, додава тој.
Извор: Фактор