Државниот просветен инспекторат ја поништи одлуката со која од работа беа избркани тројцата професори на Економскиот факултет при Универзитетот „Гоце Делчев“ – Штип кои веќе петти ден штрајкуваат со глад. Со вонреден инспекциски надзор, Инспекторатот утврдил неправилности во делот на критериумите за избор на професорите во оваа високообразовна институција.
„Државниот просветен инспекторат донесе решение за повторување на постапката за избор во звања, која што треба да биде согласно Закон за високо образование, Статут и Правилник за работа на Универзитетот ,,Гоце Делчев” – Штип“, стои во соопштението од инспекцијата.
Во однос на денешната одлука на Држвниот просветен инспекторат, професорите велат дека прво ќе го почекаат решението и записникот од постапувањето од Инспекторатот, а дури потоа официјално ќе се произнесат и ќе видат што понатаму.
„Продолжуваме со штрајкот до исполнување на нашите барања – најдоцна до втори август да бидеме избрани во повисоко наставно научно звање вонредни професоти согласно позитивните рецезентски извештаи . Не бараме ништо повеќе туку само законски да се постапи и да се испочитува законот за високо образованние“, вели за Радио МОФ, професорот Крсте Шајноски.
Иако тројцата доктори на науки, Крсте Шајноски, Маргарита Матлиеска и Александар Костадиновски веќе петти ден штрајкуваат со глад, досега ги нема посетено никој од надлежните органи. Поддршка во меѓувреме добија од Самостојниот синдикат за образование, наука и култура на Република Македонија – СОНК, од голем дел од акаденската јавност, како и од своите студенти.